Можни населиви екстрасоларни планети пронајдени во податоците од телескопот Кеплер

0

Астрономите открија многу населиви планети во податоците добиени со помош на вселенскиот телескоп Кеплер, кои можеби се најдобрите кандидати за наоѓање живот надвор од Сончевиот Систем. Податоците за кои станува збор се од првите набљудувања на Кеплер направени меѓу 2009-та и 2013-та година, со негово насочување кон еден регион од небото. Тимот, предводен од Сузан Томпсон од институтот SETI во Калифорнија, најде 20 кандидати за планети слични на Земјата, кои орбитираат околу ѕвезди слични на Сонцето долж слични орбити. Нивните откритија се достапни овде.

Планетата KOI-7923.01 засега изгледа најветувачки, со големина 97% од онаа на Земјата и време на револуција од 395 дена. Малку поголемата оддалеченост од својата ѕвезда во споредба со Земјата од Сонцето ја прави малку поладна, со клима на тундра. Според Џеф Куглин од НАСА, коавтор на трудот, KOI-7923.01 представува добра опција за вселенска мисија.

За да се потврди откритието на егзопланета потребно е да се забележат три намалувања во светлината на ѕвездата предизвикани од транзит на планетата пред неа. Поради оваа причина, многу од планетите кои досега се пронајдени имаат кратки орбити, со време на револуција од само неколку Земјини денови, што ги прави полесни за да бидат потврдени како екстрасоларни планети.

Но, оние планети вистински налик Земјата, околу ѕвезди слични на Сонцето, најверојатно имаат слична орбита со нашата – околу една година. Ова значи дека Кеплер можел да ги забележи намалувањата во светлината само еднаш или двапати во првичните набљудувања. По настанот во 2013-та, кога едно од реакционите тркала престана да функционира, Кеплер беше пренасочен кон други цели, како дел од неговата мисија K2.

Можни населиви екстрасоларни планети пронајдени во податоците од телескопот Кеплер

Вселенскиот телескоп Кеплер беше лансиран во 2009-тата и сè уште е во функција. Заслуги: NASA/JPL-Caltech

Сепак, во првата целина од податоци, биле присутни неколку кандидати со добри шанси за населивост. Со помош на додатни набљудувања со телескопи како Хабл може да се потврди постоењето на овие планети. Иако има 20%-30% шанси дека некои од нив се само грешки во податоците, сепак тие се засега главните кандидати за понатамошни истражувања. И покрај откритијата на доста интересни планети околу црвени џуџиња, сè уште не знаеме дали овие планети може да поддржат живот. Но, едно место сигурно може, Земјата, која орбитира околу Сонцето. Клучот е во наоѓање на други планети со слични карактеристики.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: IFL Science

Сподели.