Планетата Девет може да биде само една голема илузија, а еве и зошто

0

Хипотетичката мистериозна планета, за која се верува дека е причината позади чудните орбити на објектите во надворешниот Сончев Систем, штотуку се соочи со еден од најголемите предизвици за валидноста на нејзиното постоење.

planeta 9

Уметнички приказ на Планетата Девет. Заслуги: nagualdesign/Tom Ruen/ESO/Wikimedia Commons

Според деталната анализа на екстремно оддалечените објекти, предводена од физичарот Кевин Напиер од Универзитетот во Мичиген, Планетата Девет можеби не постои бидејќи не постојат докази за присуството на истата. Тоа што астрономите го перцепираат како гравитациско влијание од планета е всушност последица на пристрасноста при избор на објекти за набљудување.

Во тек е разгледувањето на научниот труд преку кој детално се објаснува за ова тврдење.

Планетата Девет стана популарна во 2016 година кога астрономите Константин Батигин и Мајкл Браун од Калтек објавија научен труд за една досега неоткриена планета во надворешниот дел од Сончевиот Систем. Како што тврдат тие, доказите можеме да ги најдеме во другите објекти подалеку од орбитата на Нептун.

Ваквите објекти се познати како Екстремни Транс-Нептунски Објекти (анг. Extreme Trans-Neptunian Objects – ETNOs). Тие се карактеризираат со огромни елиптични орбити кои не се приближуваат до Сонцето поблизу од орбитата на Нептун (која се наоѓа на 30 астрономски единици), а се простираат дури и до над 150 астрономски единици.

Батигин и Браун открија дека овие објекти имаат ист агол во својот перихел – најблиската точка до Сонцето која лежи на орбитата. Тие извршија низа симулации и заклучија дека некоја голема планета може да ги предизвика оваа карактеристика на орбитите.

Според нивните пресметки, Планетата Девет треба да има 5 до 10 пати поголема маса од Земјата и да орбитира на некое растојание помеѓу 400 и 800 астрономски единици.

Земајќи во предвид дека хипотетичката планета би била многу далеку, а воедно и дека ноќното небо е толку големо, не би било едноставно и лесно да се пронајде истата, па така и започна потрагата која сѐ уште трае.

Како што е тешко да се пронајде Планетата Девет, така е тешко да се пронајдат и ETNO објектите. Уште повеќе, овие објекти се помали и од една планета, што значи дека тие се и потемни. Кога тие се оддалечуваат од Сонцето, ние имаме неверојатно мали шанси да ги детектираме. Токму поради ова некои астрономи веруваат дека постои пристрасност при избор на објектите за набљудување.

„Поради нивните екстремно елиптични орбити и нивната неверојатно мала осветленост, ETNO објектите скоро секогаш се откриваат кога се наоѓаат на неколку децении од својот перихел,“ пишуваат истражувачите во нивниот научен труд.

„Уште повеќе, телескопите се насочени кон мала област на небото, на ограничена длабочина во одредено време од годината. Токму овие ефекти резултираат со пристрасност при избор.“

Потешкотиите при набљудување на ETNO објектите значат дека немаме откриено многу вакви објекти. Првичните симулации реализирани од Батигин и Браун се базирани на само шест ETNO објекти од различни истражувања во кои не се опишани критериумите за избор објектите. Со други зборови, пристрасноста за избор е нејасна.

Многу од неодамнешните истражувања се прилично внимателни кога е во прашање изборот на примероци за истражување. Иако ниту едно истражување, само по себе, нема откриено доволно ETNO објекти за да се формира задоволително множество од примероци, комбинирањето на повеќе истражувања можат да ги насочат истражувачите кон вистинскиот пат. Токму тоа го направија Напиер и неговиот тим.

Тие одбраа пет објекти од Истражувањето за Потеклото на Надворешниот Сончев Систем (анг. Outer Solar System Origins Survey – OSSOS), кое не најде никаков доказ за кластерирање помеѓу ETNO објектите. Дополнително, тие одбраа пет објекти од Истражувањето за Темна Енергија (Dark Energy Survay) и уште четири објекти откриени од Скот Шепард, Чед Трухиљо и Дејвид Толен – лидери во потрагата по Планетата Девет.

Јасно е дека трите истражувања имаат различни цели, па тоа повлекува дека тие имаат и различни критериуми за избор на објекти за истражување. Истражувачите мораа да се справат со различностите пред да можат да ги комбинираат објектите во едно поголемо истражување. За да се справат со овој предизвик, тие дизајнираа симулатор за истражувања.

„Во главно, симулаторот за истражувања симулира откритија од моделирана популација на објекти во Сончевиот Систем преку користење на областа на небото која се истражува, длабочината и критериумите за следење,“ пишуваат истражувачите. „Ова ни овозможи да ја пресметаме функцијата за избор на објекти од дадена популација, но и да додадеме некаква пристрасност, сѐ со цел да ја разбереме вистинската популација.“

Доколку постои кластерирање помеѓу ETNO објектите и истото е предизвикано од некој физички ефект, тогаш тоа треба да биде конзистентно и кај со обопштениот примерок на објекти што ги анализира тимот на Напиер. Сепак, нивните резултати укажаа на тоа дека примерокот од ETNO објекти има конзистентна рамномерна распределба присутна кај објектите од кои настануваат метеорите низ вселената.

Да забележиме дека ова не значи дека Планетата Девет не постои, туку дека нејзиното постоење не може да се заклучи преку податоците за ETNO објектите со кои располагаме. Едноставно, немаме доволно податоци ниту да го потврдиме, ниту да го отфрлиме постоењето на планетата.

Иако астрономите имаат предложено повеќе објаснувања, невообичаената накривена орбита на Седна (објект од Кујперовиот Појас), постои можност истата да биде показател за постоењето на Планетата Девет.

За да бидеме сигурни, неизбежно е да имаме поголемо множество од ETNO објекти и објекти од Кујперовиот Појас. Ова значи дека ќе мораме да почекаме објекти од идните моќни телескопи, како што е Опсерваторијата Вера Рубин која треба да почне со работење оваа година.

Во меѓувреме, потрагата по Планетата Девет резултираше со неколку возбудливи откритија, меѓу кои се вбројуваат можни џуџести планети кои одат дури и до рабовите на Сончевиот Систем и гасовити џиновски месечини.

Независно од постоењето на Планетата Девет, дебатата сама по себе води до откритија со кои можеби не би се сретнале.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.