Во холивудските блокбастери секогаш се случуваат експлозии околу филмските ѕвезди, додека во Вселената експлодираат самите ѕвезди, а со нивното проучување дознаваме за нивното раѓање, живот, смрт и за нивните интеракции со околината. Една специфична експлозија е моментално предмет на интерес на опсерваторијата на Х-зраци Чандра (Chandra) на НАСА.
Во подрачјето на GK Persei, еден објект станал сензација во 1901 година. Тој бил најсветлата ѕвезда на небото неколку дена, пред постепено да избледи. Ова е пример за „класична нова“ или експлозија на ѕвезда налик на Сонцето, по која на нејзино место се создава бело џуџе.
Нова може да се случи и ако силната гравитација на едно бело џуџе привлече супстанциа од соседна ѕвезда. Ако се насобере доволно, реакциите на нуклеарна фузија се засилуваат, кулминирајќи со експлозија која може да биде видлива со месеци, па и години. Надворешните слоеви од белото џуџе се однесени од експлозијата.
Класичната нова може да се смета за минијатурна верзија на супернова. Суперновата претставува уништување на цела ѕвезда. Таа може да биде толку светла што ќе го надмине сјајот на целата галаксија во која што се наоѓа. Суперновите се екстремно важни од два аспекта: прво, затоа што внесуваат голема доза на енергија во меѓуѕвездениот облак од гас, второ бидејќи расејуваат елементи како железо, калциум и кислород кои може да бидат дел од некоја идна генерација ѕвезди или планети.
Поскромните енергии и маси асоцирани со „новите“ значат дека нивниот еволутивен период е многу пократок. Ова заедно со нивната поголема фреквенција на јавување ги прават важни цели при проучувањето на експлозиите во Вселената.
Чандра за првпат го забележала GK Persei во февруари 2000 година, а потоа пак во ноември 2013 година. За овие 13 години забележани се важни разлики во емисијата на X-зрачењето.
Новата слика на NASA ги прикажува X-зраците од Чандра (со сино), оптички податоци од Хабл (жолто), радио податоци од Very Large Array (розево).
X-зраците покажуваат присуство на вжештен гас, радио податоците покажуваат емисија на електрони, а оптичките податоци го регистрираат материјалот кој бил исфрлен за време на експлозијата. Природата на точкестиот извор долу и лево не е позната.
Низ сите овие години материјалот се ширел со брзина од 700 000 милји на час – тоа значи дека ударниот бран досега поминал 145 милијарди километри.
Едно интригантно откритие ни покажува колку многу може да се дознае од остатоците од една нова. За овие 13 години, луминозитетот на X-зрачењето опаднал за 40% додека температурата на гасот останала константна (околу еден милион C°). Со ширењето на гасот, секако за очекување е температурата да се намали, но тоа не се случило. Овие факти укажуваат дека бранот раширил занемарливо количество гас во овие 13 години, што пак укажува на тоа дека можеби гасот сега се шири низ средина со многу помала густина од претходно.
Превод: Милан Велков
Извор: Phys