Метеоритскиот кратер во Аризона

0

Берингеров Кратер

Кога европските доселеници ја освојувале Америка одејќи од исток кон запад, во пустината која денес ѝ припаѓа на сојузната држава Аризона, откриени се необични геолошки форми. Тоа било огромна дупка со дијаметар од над 1 километар со ѕид од камења и карпи висок 40-тина метри. Никогаш вакво пред тоа не било видено. Тоа, всушност, било добро сочуван кратер.

Берингеровиот Кратер од подалеку

Накратко за кратерот

Берингеров кратер (Barringer Meteorite Crater) е познат и како Метеоритски Кратер, кој е најдобро зачуван и најпознат метеоритски кратер на Земјата. Дијаметарот му е 1,168 метри и е 183 метри длабок, а опкружен е со ѕид од 30 до 45 метри висина. Лоциран е помеѓу Флагстаф и Винслоу во Аризона. Тој е откриен во 1891 год. а настанал пред 49.000 години.

Метеоритот кој го предизвикал овој кратер бил никел – железен астеороид околу 45 метри во дијаметар и тежок 300.000 тони. Во Земјата удрил со брзина од 65.000km/h. Од силниот удар речиси сосема испарил. Второто име за кратерот е Барингер кратер, според Даниел Барингер. Кратерот е во сопственост на Барингеровите наследници и тоа е причината зошто нема статус на национален споменик. Сепак во 1967 г. добил статус на национална природна знаменитост. Првите стручни испитувања на кратерот потекнуваат од минерaлогот Алберт Футоа. Тој бил професор по хемија на земјоделскиот колеџ во Ајова, САД. Многу посериозен пристап кон кратерот имал познатиот американски геолог Гров Карл Гилберт.

Постоеле две можности: 1. Кратерот да се оформил од ударот на џиновски метеорит и 2. кратерот се појавил како последица на силна експлозија од гасови, кои предизвикале активност на вулкан длабоко под површината на Земјата. Втората можност е веднаш отфрлена поради недостаток на било какви вулкански камења во близината на кратерот, па Гилберт се насочил кон испитување на првата хипотеза. Тргнал од погрешни претпоставки, кои подоцна ќе се утврдат дека ударното тело по големина одговара на дијаметарот на кратерот и дека тоа мора да се наоѓа зариено под дното на кратерот. Од друга страна, исфрлениот материјал е според волуменот еднаков на волуменот на внатрешноста на кратерот.

За да го провери ова, Гилберт направил два теста. Пресметал и ги споредил волумените, а потоа, со магнет го испитувал дното на кратерот за да може евентуално да открие големи количини железо под дното, што би било знак дека метеоритот навистина се наоѓа закопан.

Но, резултатите биле негативни. Волуменот на кратерот бил еднаков на исфрлениот материјал, а експериментот со магнетот не покажал постоење на голема железна маса. Така, познатиот геолог конечно заклучил дека кратерот сепак, настанал од последица на експлозија на вулкански гасови и со тоа го завршил своето испитување. Меѓутоа, останало сомневањето во овој заклучок, бидејќи не го објаснил присуството на метеоритските камења околу кратерот. Не се пронајдени ниту камења, кои би укажале на постоење на било какви вулкански активности во минатото.

Подоцна, во 1902 г.за кратерот се заинтересирал Даниел Барингер, успешен рударски инженер. Го привлекле податоците дека околу кратерот се наоѓаат делчиња од железен метеорит и тоа измешани со исфрлениот материјал од кратерот. Ако метеоритите паднале на Земјата во некое друго време, а не во моментот на настанокот на кратерот, тие би се наоѓале во посебен слој, а не помешани со исфрлените камења. Барингер врз ваквата основа верувал дека сепак, се работи за ударен кратер. Но, тоа требало да го докаже.

По повеќегодишни истражувања, Барингер ги имал следни факти:

-Во подрачјето на кратерот се пронајдени огромни количини на фин прав од силициум диоксид, кој можел да се создаде под особено силен притисок.

-Забележано е големо количество на метеоритско железо во облик на шкрилци, расфрлено околу рабовите на кратерот и подалеку од него.

-Метеоритскиот материјал е измешан со исфрлените камења.

-Различните типови на камења околу рабовите на кратерот и во околниот простор се сложени со обратен редослед од оние внатре во кратерот.

-Недостаток на било какви вулкански камења во близината на кратерот.

Во 1908 г. геологот Џорџ П. Мерил, испитувајќи нов тип на камења кој ги открил Берингер во кратерот, пронашол дека станува збор за кварцно стакло, за чие создавање е неопходна голема топлина. Освен ова, Мерил забележал “мирно” дно на кратерот, кое не доаѓало од длабината на површината.

Сите овие забележувања Барингер ги изложил во Акедемијата на Природни Науки во Филаделфија, во 1906 и 1909 г. Вистинските причини за заинтересираноста на Барингер е највеќе поради претпоставката дека метеоритот треба да биде богат со железо и дека може да послужи како рудник на железо. Конечно Барингер се обратил до астрономот Моултон за мислење за големината на метеоритот, кој би можел да го создаде овој кратер.

И ова било пресудно за конечниот доказ. Моултон пресметал дека ударното тело било со тежина од само 300.000 тони, додека Барингер мислел пак дека бил тежок околу 10 милиони тони. Освен ова, се покажало дека доаѓа до испарување на самиот метеорит од толку силен удар. Со ова, се покажало дека не треба веќе да се бара метеорит, а во 1929 год. Барингер починал.

Испитувања на кратерот продолжиле и во следните децении. Во 1963 год. геологот Еуген Шоемакер, објавил дека забележал дека овој кратер по својата структура е сличен на кратерите настанати од експлозиите на нуклеарните бомби. Тој ова го заклучил врз основа на изучувањето на кратери, кои се создадени со нуклеарни експлозии за време на нуклеарните тестови во Невада, САД.

Новите истражувања понатаму довеле до откривање на нови минерали во кратерот. Тие според анализите покажале дека можеле да настанат едниствено при екстремно високи температури и притисоци и тоа многу поголеми отколку што се случиле на Земјата.

Конечно е направено ова сценарио. Ппред околу 50 илјади години, на Земјата владеело леденото доба. Денешната пустина во Аризона во тоа време била ладна, влажна и покриена со шума. Во тие предели живееле мамути, мастодонити и бизони. Тогаш од Вселената дошол метеоритот. Ударот бил силен, еднаков на експлозија од 30 милиони тони динамит, а тоа било повеќе отколку 1500 пати посилна експлозија од онаа која ја разорила Хирошима. По експлозијата следел воздушен ударен бран, со сила на оркан. На 3 километри од ударот ветерот дувал со брзина од 2.000km/h рушејќи се пред себе. Во тој простор убиени се сите животни и растенија. На далечина од 20 километри биле паднати сите дрва.

Изучувањето на Барингеровиот кратер траело повеќе децении. Самиот Барингер поминал 27 години во неговите испитувања. Знаењето добиено при овој потфат значително го унапредило познавањето на сите други ударни кратери на нашата планета.

Превод: Петар Ивановски

Извор: Астрономски Магазин

Сподели.