Метеор штотуку експлодираше на Јупитер, и фотограф успеа да го сними настанот

0

Сега е одлично време да се насочат телескопите кон Јупитер, џинот во нашиот сончев систем. Но еден астрофотограф беше сведок на глетка што се случува еднаш во животот – навидум одблесок од удар при експлозија во горниот густ слој на атмосферата на Јупитер.

На 7ми август, 2019, во 04:07 UTC, Итан Чапел успеа да ја фати на камера оваа неверојатно ретка глетка.

Тој на Твитер објавил: „Вечерва го снимав Јупитер. Изгледа како одблесок од удар во јужниот екваторијален појас“.

„Откако го проверив видеото и го видов блесокот, мојот ум почна да работи забрзано! Почувствував итна потреба да го споделам ова со луѓе на кои овие резултати би им биле корисни“, изјавил Чапел.

Само погледнете. На кафеавата лента од облак под екваторот, на крајната лева страна, една точка видливо се осветлува пред да исчезне, што не е појава карактеристична за јупитер, како што се молљите или аурора. Всушност, ова многу наликува на удар.

„Досега немам видено ништо слично“, изјавил астрономот Џонти Хорнеер од Универзитетот на Јужен Квинсленд во Австралија. „Сосема го одзема здивот“.

Удар на болид на површината на Јупитер не е редок настан. Болидите – метеори кои експлодираат во воздухот при влез во атмосферата се доста честа појава на Земјата, а ние сме помала цел со помал гравитациски интензитет за разлика од Јупитер.

Дополнително, Јупитер е опкружен со објекти кои лесно може да бидат привлечени од неговата гравитација, како што се краткопериодични и долгопериодични комети и астероиди од појасот помеѓу гасовитиот џин и Марс.

Една студија од 1988 покажува дека веројатноста од големи удари на Јупитер изнесува помеѓу 2000 и 8000 пати повеќе од онаа на Земјата. Но, тоа не значи дека ние лесно ќе ги забележиме истите, па затоа многу мал дел од нив се фатени на камера.

Таков настан е кометата Shoemaker-Levy 9 во 1994, која беше распарчена од плимските сили на Јупитер при што произведе серија на удари при што 2.2 метарски телескоп на Хаваи успеа да ги фотографира топлинските потписи на овие удари, додека пак Хабл забележа темни дамки позади облаците, познати како лузни.

Удари беа забележани и во 2009 и 2010, но со оглед на проценката за нивната честота, шансата навистина да се забележат е многу ретка.

„Станува збор за многу краток настан, само неколку секунди“, изјавил Хорнер. „Не би бил толку очигледен доколку набљудувате преку телескоп. Честопати вакви настани поминуваат незабележани. Половина од нив ќе се случат на далечната страна на планетата. Па така многу работи придонесуваат кон тоа овие настани да не бидат видени“.

Највозбудлив е фактот што имаме видео во реално време од овој настан, на кое јасно се гледа осветлувањето и избледнувањето. Ова значи дека може да направиме споредба со ударите од други болиди, како што е Chelyabinsk метеорот од 2013 со цел да се види види варијацијата во времето кое е потребно за настанот да се осветли и да избледне.

Чапел изјавил дека во моментот кога снимал, гледал во Персеидите на небото и не го забележал блесокот, туку го видел подоцна, на снимката благодарејќи на софтверот DeTeCtby Marc Delcroix, наменет специјално за откривање на овие блесоци.

Воедно возможно е ударот да оставил лузна која може да се проучи со користење на други инструменти, иако првичните наоди укажуваат на тоа дека станува збор за мал удар. Сѐ уште немаме податоци за големината на објектот, но со оглед на тоа дека ударот резултирал во настан видлив од Земјата, веројатно станува збор за прилично голем објект.

Доколку и вие сакате да си ја пробате среќата со фотографирање на Јупитер, Чапел на својот Твитер профил има објавено листа со опремата која ја користи. Воедно вети дека ќе ја обработи сликата, па затоа следете го будно неговиот профил. Ова е навистина неверојатно откритие и се надеваме дека од него ќе произлезат корисни научни факти.

Превод: Даница Ѓорѓевска

Извор: sciencealert.com

Сподели.