Се смета дека металните астероиди се формирале од малечки меурчиња на стопено железо кое лебдело во вселената. Ако тоа не е доволно чудно, научниците денес сметаат дека како што металот се ладел и стврднувал, вулкани исфрлајќи течно железо еруптирале низ цврстата кора од железо на површината од металните астероиди.
Ваквото сценарио доаѓа од направените анализи од страна на научниците од Санта Круз чии испитувања за брзо беа вклучени во плановите на НАСА за испраќање сонда на Психе, најголемиот метален астероид во нашиот сончев систем. Францис Нимо, професор, вели дека самиот тој бил заинтересиран за составот на металните астероиди, а воедно поттикнат од извршените анализи на железните метеорити. Заедно со студентот Џејкоб Абрахамс работеле на некои едноставни модели за тоа како астероидите се ладеле и стврднувале.
“Еден ден, тој само се сврте кон мене и рече: “Мислам дека ќе настане ерупција.”- вели Нимо. “Не размислував претходно за тоа, но сега има смисла, бидејќи тука имате една течност заробена под густа, цврста кора која сака да излезе на површината.”
Почетоците на металните астероиди ги наоѓаме уште во раната историја на сончевиот систем кога планетите почнале да се формираат. Протопланета, во текот на катастрофален судир би можела да ги отфрли своите надворешни камени слоеви, изложувајќи го течното јадро богато со железо. Поради екстремно ниските температури во вселената, овој течен метал брзо почнал да се лади и да се стврднува.
“Во некои случаи можно е да кристализира од центарот кон надворешноста и тогаш не би постоел вулканизам, но некогаш таа кристализација може да се случи од надворешноста кон центарот, па на тој начин добиваме цврста обвивка од метал на самата површина, а под него течен метал”, вели Нимо.
Што се однесува на тоа како би изгледале ваквите вулкани од железо, Абрахамс вели дека тоа зависи од составот на стопената материја. “Ако се работи за материја составена најголем дел од чисто железо, тогаш би постоеле ерупции со мал-вискозен тек по површината, па не би имало ништо слично како големите колични лава како што гледаме дека постојат на Хаваи”, вели тој. “Во друга крајност пак, ако постојат и други лесни елементи и гасови кои се шират брзо, тогаш ќе постојат експлозивни ерупции.”
Почетокот на мисијата за Психе на НАСА е закажан за 2022 година, со цел да се слета на астероидот во 2026. Знаците коишто ќе им помогнат на научниците во потрагата по постоење на вулканизам во минатото вклучуваат најразлични варијации во бојата или во составот на површинскиот материјал, како и карактеристични изгледи на вулкански канали.
За несреќа, бидејќи металните астероиди се стврднале многу брзо после нивното формирање, постоело долго време (милијарда години) за да се изгуби каква и да било површинска карактеристика. “Не можеме со сигурност да знаеме како сето тоа би изгледало сега”, вели Абрахамс.
Најдобриот начин да се најде доказ за постоење на вулканизам на металните астероиди доаѓа од проучувањето на металните метеорити што ги имаме веќе пронајдено на Земјата.
“Постојат многу метални метеорити, па сега кога веќе знаеме што всушност треба да бараме можно е и да најдеме доказ за постоење на вулканизам на нив”, вели Нимо. “Ако материјалот еруптирал на површината, би се изладил за многу брзо, што би се одразило на составот на метеоритот. И можно е да постојат дупки од гасот што се обидува да излезе.”
Кога тие ги презентираа своите пронајдоци на една конференција, Абрахамс и Нимо посочија дека и еден друг тим научници имаат дојдено до сличен ваков заклучок за постоењето на вулканите.
“Не се работи за шокантна идеја, но никогаш претходно не размислувавме за вулканите од железо на ваков начин, па затоа ова е нешто ново и интересно за истражување”, вели Абрахамс.
Превод: Христина Милошевска
Извор:phys.org