Композицијата на меѓуѕвездената комета 2I/Borisov е многу почудна отколку што претпоставувавме

0

Кога за прв пат беше забележана првата позната комета од меѓуѕвездената вселена како патува низ Сончевиот систем при крајот на август минатата година, истата им го одзеде вниманието на астрономите. 2I/Borisov ни пружи една екстремно ретка можност да го проучиме формирањето на кометите околу другите ѕвезди.

Првите мерења покажуваа дека 2I/Borisov многу наликува на кометите од далечниот Сончев систем. Но, новите анализи откриваат дека нашиот посетител е многу повеќе непознат отколку што мислевме.

2i

Уметнички приказ на 2I/Borisov. Заслуги: NRAO/AUI/NSF, S. Dagnello

Во облакот од гас кој кометата почна да го емитира како што се доближуваше до Сонцето, астрономите забележаа повеќе јаглероден моноксид отколку кај било која друга комета во радиус од 300 милиони километри од Сонцето.

„За прв пат гледаме во внатрешноста на комета надвор од Сончевиот систем,“ вели астрохемичарот Мартин Кординер од Католичкиот Универзитет во Америка. „Постои драматична разлика од повеќето комети кои сме ги виделе претходно.“

Но, кометата 2I/Borisov не е првиот меѓуѕвезден објект во Сончевиот систем кој сме го набљудувале, туку тоа е Омуамуа, за чиј идентитет сѐ уште не сме сигурни. Сепак, 2I/Borisov е првата меѓуѕвездена комета, што всушност и ни го привлекува вниманието.

Поголемиот дел од времето кометите го минуваат во студената надворешна област од планетарните системи, или барем таков е случајот со Сончевиот систем.

За кометите со период пократок од 200 години астрономите веруваат дека се формирале во Кajперовиот појас, односно областа каде што живее Плутон. Уште повеќе, мислиме дека оваа област настанала многу поблизу до Сонцето, но потоа мигрирала кон надворешноста. Додека пак за кометите со период од 200 до 1000 години, астрономите веруваат дека се формирале во Ортовиот облак, што е уште подалеку, но веројатно и оваа област била формирана поблизу до Сонцето.

Сепак ваквото оддалечување немало големо влијание врз кометите кои се формирале пред овие области да се оддалечат. Тоа значи дека кометите се како временски капсули, и токму затоа од овие парчиња составени од камења и мраз можеме да научиме многу за составот и настаните во младите планетарни системи.

Астрономите не се запознаени со овој процес кај другите планетарни системи, но би направиле сè за да дознаат, најмногу заради тоа што кометите кои паѓале на Земјата кога таа била млада би можеле да бидат многу важна состојка во појавувањето на животот, бидејќи тие носеле вода и други состојки потребни за животот да опстане.

Како што кометата 2I/Borisov се оддалечуваше од Сонцето со огромна брзина после својот перихелион на 8 декември, астрономите внимателно ја проучија нејзината опашка, односно облакот од гас кој ја обвиткува кометата додека таа се доближува до Сонцето, а со тоа и мразот кој таа го содржи почнува да сублимира поради зголемената топлина.

Астрономите ги користеа Големите милиметарски и субмилиметарски телескопи во Атакама, Чиле, за да го направат деталниот спектар и извонредните слики од кометата, како што таа патуваше низ внатрешниот дел од Сончевиот систем. Преку спектарските набљудувања научниците ги разложија брановите должини на светлината која се одбиваше од кометата, што им овозможи да го утврдат присуството на одредени молекули преку брановите должини, кои беа апсорбирани или емитирани од кометата, специфични за тие молекули.

Опашката на 2I/Borisov содржеше водороден цијанид и го емитираше во сосема нормални количини, специфично за кометите од Сончевиот Систем. Но, нивоата на јаглероден оксид беа изненадувачки.

„И покрај тоа што повеќето комети од Сончевиот систем содржат јаглероден диоксид во различни количини, кометата 2I/Borisov имаше многу повеќе од вообичаената количина, односно помеѓу 9 и 26 пати повеќе од просечната вредност на кометите во Сончевиот систем,“ велат истражувачите.

Астрономите не се сигурни зошто кометите во Сончевиот Систем имаат толку варијабилна количина на јаглероден оксид, но веруваат дека е поврзано со температурата под која тие биле формирани. Колку била поладна температурата, толку поголема е и концентрацијата на јаглероден оксид. Оттука научниците веруваат дека кометата 2I/Borisov всушност била формирана на некое многу ладно место.

„Кометата сигурно била формирана од материјал богат со замрзнат јаглероден оксид, кој го среќаваме само при најниските температури во вселената, -250 Целзиусови степени,“ вели планетарниот научник Стефани Милем од НАСА.

Ваквата област би била слична со Кајперовиот појас на моменталната далечина, но бидејќи кометите во овој појас најверојатно се формирани поблизу до Сонцето, нивоата на јаглероден оксид кај овие комети се многу пониски отколку кога би се формирале на моменталното растојание.

Ова значи дека кометата 2I/Borisov не одговара на моделите базирани на Сончевиот систем. Можно е дури и да биде дел од некоја џуџеста планета богата со јаглероден оксид, или пак да има изолациски слој, кој ја одржува внатрешноста додека јаглеродниот оксид сублимира.

Не е лесно да се објасни, а и кометата 2I/Borisov го достигна својот крај во Сончевиот систем и гледаме како се распаѓа на делови. Ова ни кажува многу за внатрешниот состав на кометата и им помага на истражувачите да ги потврдат, или отфрлат своите хипотези.

Но сепак, кометите со високи нивоа на јаглероден оксид не сосема непознати. Кометата C/2016 R2 (PanSTARRS), откриена во 2016 година, има десетина пати повисоко ниво на јаглероден оксид од кометата 2I/Borisov.

Ова го интерпретиравме како област во Ортовиот облак. Но, по откривањето на 2I/Borisov не се исклучува и можноста кометата C/2016 R2 (PanSTARRS) да има меѓуѕвездено потекло. Ова е многу возбудлива идеја, но ќе мораме да почекаме малку за ги добиеме одговорите.

„2I/Borisov ни овозможи да ѕирнеме во хемискиот состав кој оформил друг планетарен систем,“ вели Милем. „Но дури кога ќе ја споредиме кометата со други меѓуѕвездени комети, ќе знаеме дали 2I/Borisov е специјален случај, или пак секоја меѓуѕвездена комета има високо ниво на јаглероден оксид.“

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.