Мисијата Јунона на Јупитер го детектираше првото внатрешно магнетно поле што се менува во текот на време, надвор од нашата планета, феномен наречен секуларна варијација. Според истражувањата, овој феномен е предизвикан од атмосферските ветрови кои се наоѓаат длабоко во планетата.
Откритието ќе им помогне на научниците во понатамошните разбирања за внатрешната структура на Јупитер – вклучувајќи ја атмосферската динамика – како и промените во магнетното поле на Земјата.
“Секуларната варијација со декади беше на врвот од желбите на научниците”, вели Скот Болтон од Југозападниот Истражувачки Институт во Сан Антонио. “Ова откритие беше направено благодарение на прецизните инструменти на леталото и неговата уникатна орбита каде леталото се движи многу блиску до планетата прелетувајќи од еден крај на друг.”
За да се одредат карактеристиките на магнетното поле потребни се мерења направени од блиску. Научниците одговорни за мисијата Јунона ги споредуваат податоците од претходните мисии на НАСА на Јупитер (Pioneer 10, 11, Voyager 1и Ulysses) со нов модел на магнетното поле на Јупитер наречен JMR09. Новиот модел е базиран врз основа на собраните податоци од првите осум прелетувања на леталото над Јупитер, притоа користејќи го неговиот магнетометар, инструмент способен за добивање детална тридимензионална мапа од магнетното поле.
Научниците забележале мали, но значајни промени во магнетното поле од податоците добиени преку Pioneer и последните добиени податоци од Јунона.
“Предизвик беше да се пронајдат такви мали промени во нешто толку големо како што е Јупитер”, вели Кими Мур од Универзитетот Харвард. “Имајќи толку многу собрани податоци во изминативе 40 години е всушност доволно за да кажеме дека магнетното поле на Јупитер навистина се менува.”
Откако тимот одговорен за мисијата го докажа постоењето на секуларната варијација, тие се обидоа да објаснат како всушност се случува тоа. Дојдоа до заклучок дека за тоа се одговорни атмосферските ветрови. Овие ветрови се протегаат на длабочина и до 3000 километри каде што внатрешноста на планетата почнува да се менува од гас до високо спроводлив течен метал. Додаваат дека тие ветрови ги растегнуваат магнетските полиња и ги носат низ планетата.
Секуларната варијација е највпечатлива во делот каде што се наоѓа Големата Сина Дамка, поточно онаму каде што е најизразено магнетното поле во близина на екваторот. Големата Сина Дамка во комбинација со силното локализирано магнетно поле и силните ветрови во ова подрачје, ја имаат создадено најголемата секуларна варијација на оваа планета.
“Неверојатно е како едно такво место како што е Големата Сина Дамка може да биде одговорно за целата секуларна варијација на Јупитер”, вели Мур. “Со овие дополнителни нови откритија за магнетните полиња, научниците истовремено ќе можат подобро да го разберат и магнетното поле на Земјата.”
Превод: Христина Милошевска
Извор: nasa.gov