Леталото Луси со изненадувачко откритие на астероид со сателит составен од два објекти кои се допираат

0

Вселенското летало на НАСА, Луси ја имаше својата прва средба со астероидот Динкинеш (Dinkinesh) на 1-ви ноември 2023 и оттогаш продолжи постојано да праќа нови податоци. Луси откри дека сателитот на  астероидот Динкинеш е всушност контакт- бинарен орбитален систем (Contact Binary Orbiting) составен од два помали објекти кои се допираат еден со друг.

д1

Оваа слика го прикажува астероидот Динкинеш и неговиот сателит, како што ги гледа Луси со нејзиниот Long-Range Reconnaissance Imager (L’LORRI). Сликата е направена во 13 часот. EDT (1700 UTC) на 1 ноември 2023 година, околу 6 минути по најблиското приближување, од опсег на приближно 1.010 милји (1.630 км). Од оваа перспектива, се открива дека сателитот е контакт бинарен, и со тоа првпат е забележан контактен бинарен систем како орбитира околу друг астероид.
NASA/Goddard/SwRI/Johns Hopkins APL

На првите снимки направени од Луси кога леталото се наоѓало најблиску до астероидот, двата сателити биле поставени еден зад друг од гледна точка на Луси па така тимот научници не забележал дека станува збор за два објекти, а не само еден. На сликите испратени подоцна, снимани околу 6 минути подоцна се забележува дека всушност сателитот на астероидот е составен од две тела што се допираат еден со друг.

„Ваквите системи се чини дека се прилично вообичаени во Сончевиот систем“, нагласува Џон Спенсер, заменик научник на проектот Луси, од Боулдер, Колорадо, огранок на југозападниот истражувачки институт со седиште во Сан-Антонио. „Не сме виделе многу одблиску и никогаш не сме виделе еден да орбитира околу друг астероид. Не збунуваа чудните варијации во осветленоста на Динкинеш што ги видовме при приближувањето, што ни даде навестување дека Динкинеш можеби има некаква месечина, но никогаш не се сомневавме во нешто толку бизарно!“

Примарната цел на Луси е да ги истражи никогаш досега посетените тројански астероиди на Јупитер. Оваа прва средба со малиот астероид од главниот појас беше додадена на мисијата дури во јануари 2023 година, првенствено за да послужи како тест за летот на системот што му овозможува на вселенското летало постојано да ги следи и да ги слика своите цели на астероидите додека лета покрај нив со висока брзина. Одличните перформанси на тој систем му овозможија на тимот да фати повеќе перспективи на системот, со тоа подобро да ги разбере формите на астероидите и да го направи ова неочекувано откритие.

Научниците додатно ги интересира зошто и како е изводливо тоа што двата објекти од сателитот се со слична големина.

д2

Дијаграм што ја прикажува траекторијата на вселенското летало на НАСА, Луси, (црвено) за време на неговото прелетување на астероидот и неговиот сателит (сиво). „А“ ја означува локацијата на леталото во 12:55 часот. „Б“ ја означува позицијата на леталото неколку минути подоцна во 13 часот.

Од сликата може да се забележи дека леталото поминало големо растојание (1,500км) од првата до следната позиција кога и е направено откритието.

Тимот продолжува да ги обработува преостанатите податоци од средбата на вселенското летало. Динкинеш и неговиот сателит се првите два од 11-те астероиди кои Луси планира да ги истражи во текот на своето 12-годишно патување.

Повеќе информации за леталото Луси може да се најдат на https://www.nasa.gov/lucy

Текст: Сања Павлова

Извор: science.nasa.gov

Сподели.