Квазарите зборуваат за брзината на ширење на Универзумот

0

Уметнички приказ на тоа како Барионовиот осцилациски спектроскопски преглед (Baryon Oscillation Spectroscopic Survey – BOSS) ги користи квазарите за да направи мерења. Светлината која овие објекти ја праќаат се апсорбира од страна на гасот помеѓу примачот и изворот, а потоа на гасот се исцртува суптилна прстеновидна шема на позната физичка скала.

Чист пример за употреба на телескопите како временски машини претставува најновото истражување кое служи за утврдување на брзината на ширење на Универзумот пред 10.8 милијарди години, со помош на објекти наречени квазари (галаксии со активна црна дупка во центарот). Ова е досега најпрецизното мерење на брзината на ширење на Универзумот било кога, со пресметка која покажува дека тогаш на секои 44 милиони години тој се ширел за 1%.

Универзумот кој се шири забрзано

Доколку го погледнеме Универзумот во времето кога галаксиите биле три пати поблиски една до друга отколку што се денес, би виделе дека две галаксии на растојание од милион светлински години би се оддалечувале една од друга со брзина од 68 километри во секунда, поради ширењето на Универзумот. За да дојдат до овие заклучоци, истражувачите го користеле Sloan Digital Sky Survey, 2.5 метарски телескоп во Ново Мексико. Откритието било направено со помош на Барионовиот осцилациски спектроскопски преглед (Baryon Oscillation Spectroscopic Survey – BOSS), чија цел е да ја разбере експанзијата и забрзувањето на Универзумот. Тоа го прави мерејќи ја големината на барионовите акустични осцилации, кои оставаат белег на начинот на кој материјата е распределена, резултирајќи со звучни бранови од раниот Универзум. Овој белег е видлив во распределбата на галаксиите, квазарите и меѓугалактичкиот водород низ Вселената, па научниците го набљудуваат начинот на кој квазарите се распределени во споредба со водородниот гас за да ја пресметаат оддалеченоста. Другата анализа се состоела во испитување на водородниот гас за да се забележат шеми и да се измери распределбата на масата.

Извор: Universe Today

Превод: Марина Димовска

Сподели.