Видете ги кратерите на Аполо 11

0

Додека светот ја прославува 50-годишнината од сè уште неверојатното слетување на Аполо 11, ние ќе се приклучиме на ‘забавата’ со набљудување на кратерите на Аполо 11. Со скромен телескоп и добра видливост, секој со малку набљудувачко искуство може да го види регионот на Месечината каде што оделе Нил Армстронг и Баз Олдрин, и да ги лоцира трите мали кратери именувани според  двајцата астронаути кои први стапнале на Месечината и нивниот колега, Мајкл Колинс, кој останал сам во месечевата орбита за да го пилотира командниот модул на Аполо 11.

Бесмртните зборови на Нил Армстронг при слетувањето на Месечината ќе ни послужат да се ориентираме: „ Хјустон, Базата на Спокојство тука, Орелот слета”. Го рекол тоа затоа што малиот месечев модул Орел се спуштил, со преостанато гориво доволно за само уште неколку секунди, во јужните делови на големата мазна површина на т.н. Mare Tranquilitatas, или Море на Спокојство. Местото на слетување на Аполо 11 се наоѓа меѓу кратерите од средна големина Маскалејн и Сабине, малку поблиску до вториот кратер.

Локација а 11

Локацијата на слетување на Аполо 11. Заслуги: Википедија.

Со телескоп нема да го видите Армстронговиот „мал чекор за човекот”, ниту пак остатокот од лунарниот модул оставен од астронаутите. Но, можете да ја лоцирате површината на слетување, внимателно одбраната рамнина каде што вселенското летало можело безбедно да слета, без да се преврти на некоја карпа или на краевите од некој кратер.

Со телескоп од 6” или поголем, можете да ги видите трите кратери именувани според астронаутите (Нил) Армстронг, (Баз) Олдрин и (Мајкл) Колинс, од страна на Меѓународната Астрономска Унија по мисијата.

Кратерите се мали, со дијаметри од 4,6 км, 3,4 км и 2,4 км соодветно. За да ги лоцирате полесно, најдобро е најпрво да го пронајдете големиот кратер Теофил. Потоа погледнете на север за да го пронајдете помалиот кратер Маскалејн и двата кратера Сабине и Ритер, кои што се еден до друг, со зголемување од околу 100х. Центрирајте го видното поле на линијата помеѓу Маскалејн и двата кратера Сабине и Ритер на околу 2/3 од патот до последниве два кратера и северно од кратерот Молтке. Потоа засилете до 200х-250х или повеќе и внимателно започнете да гледате источно од Ритер и Сабине. Запомнете дека исток на Месечината е запад во насока на нашето небо.

Морето на Спокојство

Морето на Спокојство и кратерите Теофил, Сабине, Ритер и Маскалејн. Заслуги: SkySafari 6

Добар телескоп со објектив од 6” ќе ви ги открие Армстронг, Олдрин и Колинс. Имајте на ум дека дијаметрите на Сабине и Ритер се околу десет пати поголеми од  дијаметарот на најмалиот од трите кратери на Аполо 11. Поголем опсег обично ќе ви даде подобра шанса да ги видите, особено на ноќите кога Месечината е близу до својата највисока точка на небото. И што е најважно, кратерите најдобро се гледаат кога светлото од Сонцето фрла подолги сенки на кратерите и тие се истакнуваат. Тоа значи дека Месечината треба да ја набљудувате кога таа е во фазата прва четвртина или по неколку дена, или пак пред и за време на третата четвртина. Кога сенките се помалку издолжени, за време во близина на млада месечина, невозможно е да се пронајдат овие кратери. Ако не успеете да ги пронајдете овие кратери од првиот обид, тогаш почекајте и обидете се повторно кога фазата е погодна.

Сликата подолу ги прикажува одблиску кратерите на  Аполо 11 во близина на кратерите Сабине и Ритер наредени во редица на јужниот раб на Морето на Спокојство. Ова е тоа што го барате.

Кратерите Олдрин, Колинс и Армстронг

Кратерите Олдрин, Колинс и Армстронг на мазната површина на Морето на Спокојство. Црвената х ознака ја покажува локацијата на слетувањето на Аполо 11. Заслуги: НАСА/Месечев извиднички орбитер

Ветувањето за патување во длабоката вселена од  1960-тите и почетокот на 1970-тите години засега не е реализирано. Дури и е неверојатно што никој не стапнал на месечината од 1972 година. Но со добар телескоп, ведро небо и малку трпение можете да ја истражите површината на Месечината, да го видите ова легендарно место на слетување и да замислите како било да се надминат толку многу технички и човечки пречки за да прв пат да се стапне на овој свет на ‘величествена пустелија’.

Превод: Дефне Еминовска

Извор: cosmicpursuits.com

Сподели.