По две години успешно орбитирање околу кометата 67P/Чуриумов-Герасименко, леталото Розета на 30-ти септември ќе слета на кометата, со што ќе се означи и крајот на мисијата. Кометата се движи сè поделеку од Сонцето, па леталото добива се помалку енергија за напојување. Имаше предлози за хибернација на леталото, но по 12 години во Вселената (од кои две околу кометата) неизвесно е дали Розета би се профункционирала одново. Но, не е сè така црно, бидејќи при последните часови пред судирот од леталото ќе добиеме податоци со најдоближени снимки од површината на кометата, како и најпрецизни мерења. На 30-ти септември ќе заврши делот од мисијата со управување на леталото, но ќе останат години работа за анализа на сите собрани податоци.
Розета уште во август ќе биде пренасочена кон својата последна патека. Промените ќе се одвиваат постепено и завршниот маневар ќе биде направен 12 часа пред слетувањето, кога леталото ќе биде на 20 километри од кометата. Мора да се пристапи внимателно и полека, бидејќи со самото доближување ќе се зголемува гравитациското влијание. Брзината на слетувањето, односно ударот, ќе биде 1.8 км/час. И покрај тоа што ова не е огромна брзина, сепак можно е да се случи целосно распарчување на леталото.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: IFL Science