Некаде во средината на јануари кометата C 2014 Q2 Lovejoy беше најблиску до Земјата и со релативно голема сјајност, така што едноставно моравме да ја искористиме приликата да одиме и да ја фотографираме. Неколку денови пред тоа на интернет гледавме фотографии од кометата направени низ целиот свет, па сакавме и ние да се обидеме да направиме што е можно подобра фотографија. Кометата тие денови можеше да се види и со голо око, но секако дека со телескоп можеше подобро.
На терен отидовме само четворица. Беше навистина студено, поточно околу минус 10 степени Целзиусови. Небото имаше некоја магла така да условите не беа најдобри, но кога веќе бевме таму, фативме да работиме. Мартин и Горан го поставува телескоп за фотографирање, а јас и Дарко го поставуваме големиот добсон за гледање.
На почетокот, нешто не одеше како што треба со автоматското водење, така што изгубивме драгоцено време. Потоа имаше дебата на која експозиција е најдобро да се слика и со кое ИСО. За тоа време на Добсонот се обидувавме да гледаме некој галаксии во соѕвездието Андромеда како и веќе одамна познати објекти. Небото навистина не беше убаво, а на тоа ладно време некако и немав некој ентузијазам да барам некои објекти потешки за пронаоѓање.
И покрај планот да седиме и да сликаме барем до полноќ, облаците како и секогаш не обрнуваат многу внимание на нашите планови, па околу 10 часот почнаа опасно да ни се приближуваат и да пречат, по што решивме да се спакуваме. Студенилото многу помогна сите едногласно да се сложиме околу предвременото заминување.
Иако немавме најдобри фотографии, Горан сепак успеа да извлече можеби најдобра фотографија на комета што досега сме имале. Оваа фотографија може да биде уште подобра, но обработката на фотографии со комети е доста посложена заради константно поместување на кометата во однос на ѕвезденото поле и се надевам дека во иднина ќе ја владееме подобро. До тогаш, уживајте во оваа фотографија на кометата C 2014 Q2 Lovejoy.
Откако ја наместивме монтажа за фотографирање, Мартин со неговиот фотоапарат го фотографираше околниот амбиент покриен со снег. Да не беше толку студено, можеби повеќе ќе уживавме во него.
Текст: Радан Митровиќ
Фотографија: Мартин Стојановски и Горан Петров