Катастрофална недела за вселенските летови

0
Заслуги: Ken Kremer – kenkremer.com

Заслуги: Ken Kremer – kenkremer.com

Катастрофално лошата недела за вселенските истражувања започна на 28 октомври, кога беспилотната ракета Антарес која требаше да го однесе леталото Лебед (Cygnus) во орбитата, се сруши само на 10-тина секунди по лансирањето.

Лансирањето се одвиваше од „Wallops“ лансирниот центар на НАСА во Вирџинија, раководено од приватната компанија Oрбитал. Таа од неодамна стана партнер на NASA при лансирање на товар до Меѓународната вселенска станица (МВС). Oва требаше да биде трет лет на леталото до МВС, пренесувајќи до таму 2200 килограми научни експерименти, инструменти за истражување, храна за екипажот, резервни делови, опрема за вселенски прошетки и компјутерска опрема.

Лансирањето започна сосема нормално, но само по 5-6 секунди стана очигледно дека нешто сериозно се случува. Ракетата како да престана да се издигнува и по многу кратко време следеше експлозија. Веднаш по експозијата ракетата падна на земја и експлодираше во огромна топка од оган и чад.


За среќа немаше човечки жртви, ни повредени од многубројните присутни што го набљудуваа лансирањето. Официјалните причини за несреќата останува да се утврдат во понатамошната истрага.

Слика од местото на несреќата. Заслуги: NASA/Terry Zaperach

Само три дена подоцна се случи уште една несреќа, но овој пат еден пилот го загуби животот, а друг е потешко повреден при тест летот на „SpaseShipTwo“ на приватната компанија на Ричард Брансон – Virgin Galactic.

Сè уште не е јасно зошто се случи несреќата. „SpaseShipTwo“ полета со нов тип на гориво како подготовка за комерцијалните летови во Вселената и според нивниот план требаше да започнат на пролет наредната година.

Само две минути по одвојувањето на „SpaseShipTwo“ од авионот-носач WhiteNightTwo, кој има функција да го однесе до одредена точка во атмосферата, се случи несреќата. Очевидците забележале дека леталото се распадна во воздухот без некоја голема експлозија.

Остатоцитете лежат во близина на местото каде што ракетата за вселенски туризам на Virgin Galactic, SpaceShipTwo, експлодира и се урна во Мохаве, Калифорнија.

Пилотот кој загина е Maјкл Алсбури (Michael Alsbury), искусен тест-пилот, а повредениот ко-пилот e Питер Сиболд (Peter Siebold), врз кој вчера беше извршена операција по сериозните повреди кои ги здоби.

Сонот на милијардерот Брансон за развивање на вселенскиот туризам со оваа несреќа може драматично да се промени, или пак, одложи. Досега имаше над 700 луѓе кои веќе ја имаа платено картата од 250.000 долари за лет до работ на Вселената.

Да се надеваме дека оваа трагична недела за вселенските летови брзо ќе се заборави и истражувањата и летовите ќе продолжат во иднина без поголеми несреќи. Овие две несреќи нè потсетија дека лансирањето на ракети сè уште не е едноставна работа, за неа се потребни многу знаење и напорна работа на стотици инженери и техничари.

Превод: Марија Јанчевска

Извори: The Verge, Universe Today, Telegraph

Сподели.