Како да најдете микрометеорити во вашиот дом

0
Микрометеорити - сферични честички со големина од 50 микрометри до 2 милиметри

Микрометеорити – сферични честички со големина од 50 микрометри до 2 милиметри

Според проценките, некаде помеѓу 37.000 и 78.000 тони метеорити секоја година паѓаат на површината на Земјата. Иако можеби звучи како ова да е доста голема маса, поголем дел од неа сепак отпаѓа на микрометеоритите – честички во облик на прашина со дијаметар од 50 микрометри до 2 милиметри. Се смета дека на секој метар квадратен во просек паѓа по еден микрометеорит годишно, што значи дека надвор околу нас има цел куп вакви честички. Јон Ларсен (Jon Larsen) од проектот Ѕвездена прашина (Project Stardust) ги повикува луѓето да тргнат во потрага по овие микрометеорити.

ESlbQMJ

Слика 1 – Магнет од неодимиум

Потрагата по микрометеоритите започнува со добар магнет. Обичните магнети кои се лепат за фрижидерите нема да завршат работа. Потребен е особено јак магнет – како на пример магнет од неодимиум (слика 1) – на кој е прицврстена кука за полесно да може да се држи. Колку е појак магнетот, толку се поголеми шансите да се соберат микрометеоритите.

Слика 2 – Магнетот треба убаво да се обвитка во кесички за сендвичи

Слика 2 – Магнетот треба убаво да се обвитка во кесички за сендвичи

Но, со така јак магнет, многу е веројатно дека ќе биде доста тешко (ако не и невозможно) уловените микрометеорити да се одвојат од површината на магнетот доколку тие директно се залепат за него. Затоа најдобро е да се направи бариера помеѓу магнетот и микрометеоритите, така што магнетот ќе се стави во кесичка за сендвичи. Со оглед на тоа што магнетот ќе се влече по површината на земјата, најдобро е да се искористат два или три слоја кесички, и да се понесат уште неколку како резерва. Кесичките треба убаво и цврсто да се обвиткаат околу магнетот за што подобри резултати (слика 2).

Откако магнетот соодветно ќе се подготви, може да се почне со потрагата по микрометеорити, така што завитканиот магнет полека се влече по површината на земјата. Микрометеоритите нема да можат да се придвижуваат кон магнетот, туку мора директно да дојдат во контакт со него за да се залепат, па затоа магнетот мора убаво да се влече по површината на земјата (слика 3).

Слика 3 – Барањето на микрометеорити се врши со внимателно влечење на завитканиот магнет по сува површина

Слика 3 – Барањето на микрометеорити се врши со внимателно влечење на завитканиот магнет по сува површина

Доколку почвата или површината е мокра, ќе биде многу потешко честичките да се одвојат од неа и да се залепат за магнетот, па затоа потрагата треба да се врши на суви места или, пак, доколку се работи со влажна почва, таа прво треба да се исуши, па потоа во неа да се бараат микрометеорити.

Откако на површината на магнетот ќе се залепат честички, истите треба да се соберат во нова кесичка. Ова најлесно се изведува така што целата дланка со која се држи завитканиот магнет ќе се стави во новата кесичка, магнетот ќе се одвои од кесичките во кои бил завиткан, па така честичките ќе се ослободат од него и ќе паднат во новата кесичка (слика 4).

Слика 4 – Уловените честички треба да се соберат во нова кесичка

Слика 4 – Уловените честички треба да се соберат во нова кесичка

Секоја кесичка треба да се обележи со локацијата и времето кога материјалот е собран, како и со други важни информации за „експедицијата“. Секоја од кесичките треба и да се измери. Доколку се планира повеќекратно излегување на терен во потрага по микрометеорити, добро е да се води и дневник во кој примероците ќе се шифрираат и ќе се запишуваат деталите за секоја собрана кесичка, па ќе биде многу полесно подоцна да се врши и споредување.

Слика 5 – Собраните примероци треба да се обележат со локацијата, времето и други поважни информации

Слика 5 – Собраните примероци треба да се обележат со локацијата, времето и други поважни информации

Обработката на примероците започнува со нивно сеење низ сито, т.е. низ повеќе различни сита. Се почнува со покрупно сито каде отворите се околу 1,5 mm, а се завршува со сито чии отвори се 0,4 mm.

Слика 6 – Материјалот се сортира со помош на сита со различна големина

Слика 6 – Материјалот се сортира со помош на сита со различна големина

Откако материјалот ќе се сортира со помош на ситата, може да се почне со негово набљудување под микроскоп. Микрометеоритите имаа сферична форма, па со помош на чепкалка за заби или некој друг тенок предмет може да се одделуваат сферичните честички под микроскопот. Собраните микрометорити може да се чуваат во мали пластични кутии, кои исто може да се обележат со шифрите од дневникот.

Микрометеорити во вашиот дом

Слика 7 – Под микроскоп се бараат сферични честички

Слична техника може да примените и за барање на микрометеорити во отпадот при чистењето на олуци од куќите или зградите. Собраниот материјал прво треба да се измие со вода и детергент, за магнетните честички да се одвојат доколку се залепени до нешто друго. Потоа, со сито се одвојуваат лисјата и другиот отпад, за на крајот низ материјалот се искористи истата техника со магнетот завиткан во кесички.

Сите фотографии се во сопственост на Jon Larsen – Project Stardust. За повеќе детали, може да ја погледнете неговата Фејсбук страница.

Превод: Билјана Дијанисиева

Извор: IFLS

Сподели.