„Ј“ го означува местото на слетување на Розета

0

Слетувачот на Розета, Филе (Philae), ќе се насочи кон местото Ј, фасцинантен регион на кометата 67П/Чуриумов-Герасименко (67Р/Churyumov-Gerasimenko), кое нуди уникатен научен потенцијал, со знаци на активност во близина и минимален ризик за слетувачот во споредба со другите места-кандидати за слетување.

Местото Ј се наоѓа на „главата“ на кометата, свет со невообичаена форма којшто е малку повеќе од 4 километри во најширокиот предел. Одлуката за ова место беше едногласна. Резервата, односно местото С се наоѓа на „телото“ на кометата. Слетувачот, тежок 100 килограми, планирано е да стигне на површината на 11 ноември, каде ќе извршува темелни мерења на јадрото.

Но, избирањето на место пригодно за слетување не е едноставна задача.

„Како што можевме да забележиме од новите слики, кометата е убав, но драматичен свет – научно возбудлив, но неговата форма прави целиот процес на испитување да биде предизвикувачки“, вели Стефан Уламек, одговорен за слетувањето во Германскиот авиовселенски центар, DLR. „Ниеден од кандидатите за место за слетување не ги исполнува критериумите 100% , но метото Ј очигледно беше најдоброто решение.“

„Првите испитувања ќе ги направиме на ова место, што ќе ни помогне да го разбереме составот, структурата и еволуцијата на кометата”, вели Жан – Пиер Бибринг, главниот научник и истражувач на инструментот CIVA во Франција. „Местото Ј ни нуди шанса да го анализираме првобитниот, недопрен материјал, да ги карактеризираме особините на јадрото и да ги проучуваме активностите.”

Трката за да се најде идеалното место за слетување единствено можеше да започне кога Розета пристигна и ги направи првите слики одблиску на кометата, на 6 август. До 24 август, од информациите собрани кога Розета беше на околу 100 километри оддалеченост од кометата, беа одбрани 5 кандидати врз кои се извршуваа понатамошни испитувања.

Оттогаш, леталото се помести на околу 30 километри од кометата, со што овозможи подетални научни мерења за одбраните места. Имаше бројни критични аспекти кои мораа да бидат разгледани – да се одреди безбедна линија на движење за Филе, како и видливоста. Откако ќе стигне на површината ќе се појават други фактори, како балансот меѓу денската светлина и ноќните часови и фрекфенцијата за комуникација.

Слетувањето на кометата е пасивно и може само да се предвиди дека местото на слетување ќе биде во границите на ‘слетувачката елипса’, обично голема неколку стотици метри.

Простор од еден квадратен метар беше предвиден за секое место-кандидат. На местото Ј, наклоните се помали од 30 степени во однос на локалната вертикала, со што се намалуваат шансите Филе да падне за време на слетувањето. Местот Ј исто така се чини дека има и релативно малку карпи и доволно осветлување секојдневно со што Филе би се полнел и би се продолжиле истражувањата и по потрошувањето на батериите.

Претходните проценки за траекторијата и за времето на спуштање до местото Ј е околу седум часа, период кој што не зема многу од моќта на батеријата. И двете места, В и С, се сметаат како резерви, но се преферира местото С заради поголемото осветлување и помалиот број на карпи. Местата А и I на почетокот изгледаа добро, но беа отфрлени заради тоа што не задоволуваа голем број од критериумите.

Ќе биде направена детална временска линија за прецизно да се одлучи за траекторијата на Филе. Слетувањето мора да се случи пред средината на ноември, затоа што се предвидува кометата да стане поактивна кога ќе се приближи до Сонцето.

„Нема време за губење, но сега кога сме поблиску до кометата континуирани испитувања ќе ни помогнат околу примарното и резервните места на слетување“, вели Андреа Акомазо, раководител за летот на Розета.

„Се разбира ние не можеме да ја предвидиме активноста на кометата од сега до слетувањето, ниту на самиот ден на слетување. Неочекуван пораст на активност може да влијае врз позицијата на Розета во орбитата во моментот на разместување и да го промени местот каде Филе би слетал, тоа е она што ја прави оваа операција ризична.“

Откако ќе се оддели од Розета, слетувањето на Филе ќе биде самостојно, со команди претходно подготвени од Контролниот центар за слетување на DLR. За време на спуштањето ќе се слика кометата и ќе се прават и други истражувања во врска со околината на кометата.

Кога слетувачот сосема ќе се спушти, за да се зацврсти на површината ќе искористи харпун и завртки направени од мраз. Потоа ќе направи целосна панорамска слика од 360 степени на местото за да одреди каде се наоѓа.

Дури тогаш ќе започне првичната научна фаза – други инструменти ќе ја анализираат плазмата и магнетната околина, како и површната и температурата под површината. Слетувачот исто така ќе пробуши и ќе земе примероци од под површината, кои ќе ги испрати за анализа. И внатрешната структура на кометата ќе биде испитувана со пуштање на радио-бранови преку површината насочени кон Розета.

„Никој досега не се обидел да слета на комета претходно, па ова е вистински предизвик“, вели Фред Џенсен, менаџерот на мисијата на Розета. „Комплицираната „двојна“ структура на кометата има значајно влијание на ризиците поврзани со слетувањето.“

Превод: Мартина Вељановска

Извор: ESA

Сподели.