По вторпат Македонија имаше свои претставници на најпрестижниот светски натпревар по астрономија и астрофизика. Оваа година Меѓународната олимпијада по астрономија и астрофизика (МОАА) се одржа во Сучава, Романија од 1. – 11. август. Во составот на македонскиот тим беа Дејан Максимовски од ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје, Андреј Симески од ПСУ „Јахја Кемал“ – Автокоманда, Томе Кириази од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, Фросина Панчева од ПСУ „Јахја Кемал“ – Струмица и Ангела Митровска од ПСУ „Јахја Кемал“ – Автокоманда. Истиот беше предводен од Станиша Вељковиќ, професор по физика при ПСУ „Јахја Кемал“ – Автокоманда и Филип Симески, студент на универзитетот Браун.
Веднаш по изборот на тимот на натпреварот по астрономија, кој беше организиран од Македонското астрономско друштво, а поддржан од нашето Друштво, членовите почнаа индивидуално да се подготвуваат за овој светски натпревар. Подоцна, во текот на месец јули, лидерите на тимот, Вељковиќ и Симески, организираа и подготвителен камп во планинарскиот дом „Смрека“ на Попова Шапка, како подобро би ги спремиле учениците за оваа олимпијада на навистина високо ниво. На Шапка, тимот имаше теоретски подготовки преку ден, а чистото ноќно небо беше добредојдено за вршење на набљудувања со телескоп и подготовка на учесниците за практичниот дел од натпреварот.
Патувањето до Сучава со автобус и воз траеше долго и трасата водеше од Скопје преку Софија и Букурешт, за да се стигне до крајната цел – град од околу 100,000 жители, недалеку од романско-украинската граница. Таму тимот беше топло пречекан од организаторите. Олимпијадата се одржуваше на кампусот на универзитетот „Штефан Велики,“ а беше поддржана од романското Министерство за национално образование, научното здружение „Cygnus,“ локалната самоуправа, како и бројни фирми од проватниот сектор.
Во наредните десет дена, организаторите имаа подготвено богата културна програма, исполнета со екскурзии за учесниците. Па, така тие имаа шанса да видат познатите буковински манастири, кои се заштитени од УНЕСКО, да планинарат по планините кои нудеа воодушевувачки погледи, да пробаат свежо сирење од романските бачила, да се запознаат со традициите на романскиот, но и другите народи кои живеат во регионот Буковина, во селскиот музеј, да ги видат шарените јајца вапцани со техниката батик и сл.
Меѓу сите овие екскурзии, имаше и многу тестови. Секој ученик полагаше тест во планетариумот, каде требаше да идентификува различни ѕвезди и Месиерови објекти. Веднаш потоа полагаа и тест на ѕвездена мапа, каде требаа да се нацртаат небесните линии (екватор, еклиптика, локален меридијан и сл.), да се означат позициите на планетите или на некои посветли ѕвезди.
По еден ден пауза, исполнета со спортски игри, учениците повторно беа во амфитеатарот, спремни за испит – овојпат теоретски, составен од дванаесет кратки и три долги задачи. Последниот испит кој го имаа учесниците беше обработка на податоци, каде разгледуваа како се однесуваат вредностите за температурата и притисокот кои ги испраќаат сонди од две различни планети. За жал, поради облачноста не се одржа набљудувачкиот испит, кој беше планиран за прекрасниот манастир Драгомирна.
Меѓу сите овие испити, учениците најдоа време и за дружење, па така создадоа пријателства со своите врсници од целиот свет, кои веруваме дека ќе траат уште долго време и можеби ќе се претворат во професионални соработки во некои познати светски опсерватории или вселенски агенции.
За сето тоа време, лидерите работеа. Требаше да се разгледаат сите задачи и да се усогласи нивното ниво со тоа на учениците, бидејќи во голем дел од светот астрономијата не е дел од наставната програма во средните училишта. Потоа, задачите беа преведувани на мајчиниот јазик на секој од учесниците, така што јазикот не би бил пречка за генијалноста на младите умови.
На крајот на тие прекрасни десет дена, следуваше неверојатната церемонија на затворање, каде свои настапи имаа многубројни културно-уметнички друштва, хорови и младински бендови, а кулмирнираше со доделување на наградите на најуспешните учесници. Македонскиот тим се закити со една пофалница, освоена од страна на Дејан Максимовски. Дејан, кој сега ќе биде трета година гимназија и минатата година учествуваше на оваа олимпијада, а оваа година покажа дека може да постигне навистина многу. Другите македонски ученици исто така покажаа солидни резултати.
Се надеваме дека ова ќе ја инспирира и новата генерација и следната година на македонскиот натпревар ќе имаме уште поголем одзив, за да се изберат најдобрите астрономи и астрофизичари, кои би ја претставувале Македонија следниот август на МОАА во Индонезија.
Автор: Филип Симески