Идентификувано влијанието на космичкиот хаос при создавање на ѕвезди

0
Идентификувано влијанието на космичкиот хаос при создавање на ѕвезди

Набљудувањата на галактичките јата Персеј (Perseus) и Девица (Virgo), укажуваат кон можност дека одредени турбуленции го спречуваат ладењето на топлиот гас. Овие набљудувања се осврнуваат на прашањето зошто галактичките јата не создаваат голем број на ѕвезди. Заслуги: NASA/CXC/Stanford/ И. Журавлева

Истиот феномен кој причинува неудобно летање со авион, турбуленција, може истовремено да претставува објаснување за веќе долго постоечката мистерија поврзана со раѓањето на ѕвездите, или поточно за недостатокот на овој настан, според новите изучувања добиени од опсерваторијата за Х-зраци, Чандра (Chandra).

Галактичките јата се најголемите објекти во Универзумот и истите ја одржуваат својата структура благодарејќи на силата на гравитација. Овие огромни структури содржат стотици, или илјадници поединечни галаксии кои содржат и се опколени од гас со температури од милиони степени.

Овој топол гас, кој претставува најтежок составен дел на галактичките јата, освен незабележаната темна материја, сјае силно во опсегот на X-зраци кои се забележани од Чандра. Со текот на времето, гасот во центарот на овие јата би требало доволно да се излади, со што би се создале услови за формирање на ѕвезди со вчудоневидувачка стапка. Сепак, кај многу од овие јата, ваков процес не е забележан.

„Знаевме дека гасот во јатата на некаков начин се загрева, со што неговото ладење е спречено, а со тоа и формирањето на ѕвезди. Прашањето беше, како точно се случува ова загревање,“ вели Ирина Журавлева од универзитетот Стенфорд, Калифорнија, која го водела ова истражување. „Сметаме дека успеавме во пронаоѓањето на докази кои велат дека топлината е создадена и тунелирана од страна на турбулентни движења, кои ги идентификувавме кај записите во сликите од X-зрачењата.“

Претходни изучувања покажуваат како супермасивни црни дупки, кои се наоѓаат во центарот на големи галаксии во средината на јатата, исфрлаат огромно количество на енергија околу нив, во форма на млазови од енергетски честички кои создаваат празнини кај топлиот гас. Чандра, како и други телескопи за X-зраци, ги детектирала овие големи празнини и претходно.

Последното истражување од страна на Журавлева и нејзините колеги обезбедува нов увид во тоа како енергијата може да биде пренесена од споменатите празнини до опколувачкиот гас. Интеракцијата на празнините со гасот би можела да создава турбуленции, или хаотично движење, кое потоа се распределува и го одржува гасот топол во периоди од милијарди години.

„Било кое движење на гасот од страна на турбуленциите на крајот ќе престане, пришто ќе ја испушти енергијата кон гасот,“ вели ко-авторот Јуџин Чуразов од институтот за астрофизика Макс Планк во Минхен, Германија. „Сепак, гасот никогаш нема да се излади доколку турбуленциите се доволно силни и истите се создаваат доволно често.“

Доказите за турбуленции доаѓаат од податоците на Чандра, добиени од двете огромни галактички јата наречени Персеј (Perseus) и Девица (Virgo). Преку внимателно анализирање на деталните податоци добиени од секое јато, тимот бил способен да ги измери флуктуациите (осцилациите) кај густината на гасот. Оваа информација им овозможила да ја проценат бројката на турбуленции кај гасот.

„Нашиот труд ни дава проценка за тоа колку турбуленции се создадени кај овие јата,“ вели Александер Шекочихин од универзитетот Оксфорд во Велика Британија. „Од досега утврденото, постојат доволно турбуленции за да го балансираат ладењето на гасот.“

Овие резултати го поддржуваат моделот кој вклучува супермасивни црни дупки во центарот на галактичките јата. Гасот се лади и паѓа кон црната дупка по забрзувачка стапка, предизвикувајќи ја црната дупка да го зголеми количеството на исфрлени млазови, кои потоа произведуваат празнини и ги носат турбуленциите во гасот. Со тек на време, овие турбуленции се распределуваат и го топлат гасот.

Иако процесот на спојување меѓу две галактички јата би можело да создава турбуленции, истражувачите претпоставуваат дека изливите на млазови од супермасивните црни дупки се главниот извор за оваа космичка конфузија во густиот центар кај многу јата.

Превод: Бојан Андоновски

Извор: Phys

Сподели.