Холандски астрономи случајно фотографирале можна млада планета

0

Меѓународен тим на астрономи на чело со холандски истражувачи од Универзитетот Лајден случајно нашле мал придружник околу младата двојна ѕвезда ЦС Цха. Додека астрономите го испитувале дискот од прав на бинарната ѕвезда го пронашле придружникот. Истражувачите се сомневаат дека тоа е планета во раните години од нејзиното создавање и дека сè уште расте. Астрономите го користеле инструментот СПХЕРЕ на европскиот Многу голем телескоп во Чиле. Тие наскоро ќе ги објават своите наоди во статија која е прифатена од страна на журналот Астрономија и астрофизика.

Бинарната ѕвезда ЦС Цха и нејзиниот придружник се наоѓаат околу шестстотини светлински години од Земјата во област на ѕвездено формирање во јужното соѕвездие Камелеон. Двојната ѕвезда е само два до три милиони години стара. Истражувачите сакаат да ја проучуваат ѕвездата со цел да најдат диск од прашина и млади планети кои сè уште се формираат.

За време на нивното истражување на бинарната ѕвезда, астрономите виделе мала точка на работ на нивните слики. Истражувачите се нурнале во архивите и ја пронашле точката, но многу побледа, на фотографиите направени со вселенскиот телескоп Хабл во 1999 г. и на фотографиите од Многу Големиот Телескоп во Чиле во 2007 г. Благодарение на старите фотографии, астрономите успеале да покажат дека придружникот се движи заедно со бинарната ѕвезда и дека тие припаѓаат во еден ист систем.

Како изгледа придружникот и како е формиран не е јасно. Истражувачите се обиделе да поклопат различни модели со набљудувањата, но ниеден од нив не дал сто процентна сигурност. Придружникот може да биде мала кафена џуџеста ѕвезда, но може да биде и супер-Јупитер.

Инфрацрвена слика од бинарната ѕвезда и новооткриениот придружник со специјални поларизациски филтри кои ги прават дисковите и прашината видливи. Придружникот исто има свој диск од прашина. Заслуги: Ц. Гински и СПХЕРЕ

Водечкиот автор Кристијан Гински (Обсерваторија Лајден, Универзитет Лајден) објаснува: “Највозбудливиот дел е тоа што светлината на придружникот е многу поларизирана. Таквата склоност во насоката на поларизација обично се случува кога светлината е распрсната. Претпоставуваме дека придружникот е опкружен со сопствен диск од прав. Интересниот дел е тоа што дискот блокира голем дел од светлината и затоа не можеме точно да ја одредиме масата на придружникот. Затоа може да биде и кафено џуџе, но и супер-Јупитер во раните години на своето создавање. Класичните модели за создавање на планети не можат да ни помогнат “.

Во иднина, истражувачите сакаат детално да ја испитаат ѕвездата и придружникот. Тие сакаат да го користат меѓународниот телескоп АЛМА на платото Чајнтантор во Северните Чилеански Анди.

Инфографик за бинарната ѕвезда и дискот кој ја опкружува (лево) со новооткриениот придружник (десно). Придружникот е оддалечен од ѕвездата 214 пати далечината помеѓу Земјата и Сонцето, но очигледно припаѓа на системот. Целиот систем е оддалечен 165 парсеци или 538 светлински години од Земјата. Заслуги: Ц. Гински/Г.А. Муро Арена

SPHERE

СПХЕРЕ е кратенка за инструмент за Спектро-поларометриски висококонтрастни егзопланетарни истражувања (Spectro-Polarimetric High Contrast Exoplanet Research). Тој е моќен ловец на планети кој е прикачен на европскиот Многу голем телескоп во Церро Паранал во северниот дел на Чиле. Инструментот делумно бил развиен во Холандија. СПХЕРЕ може да направи директни слики на егзопланети и дискови од прав околу ѕвездите. Инструментот ја занемарува светлата ѕвезда и ја набљудува поларизираната светлина што се рефлектира од атмосферата на егзопланета или дискот од прашина околу ѕвездата.

Превод: Бојана Стефаноска

Извор: Phys

Сподели.