Пред три години астрономите предложија постоење на деветта планета во Сончевиот систем. Планетата всушност би требало да орбитира подалеку од она што досега е видено во нашиот систем, но според најново направениот модел, ако оваа планета постои, тогаш таа е помала и е поблиску до нас отколку што првично се мислеше.
Оригиналните предлагачи на деветата планета, Мајкл Браун и Константин Батигин, заедно со Фред Адамс и Џулиет Бекер од Универзитетот од Мичиген, дадоа свое видиување за тоа како оваа планета би можела да изгледа. Тие очекуваат планетата да биде со пет пати поголема маса од онаа на Земјата со орбита чија голема полуоска е 400 пати поголема од растојанието меѓу Сонцето и Земјата.
Идејата дека оваа планета постои е изнесена за да се објасни чудната орбитална кластеризација на мали објекти надвор од орбитата на Нептун. Оттогаш, постоењето на оваа досега невидена планета се користи за објаснување на неколку различни феномени. Повеќе набљудувачки кампањи се обиделе да ја откријат планетата, но досега не успеале.
“Присуството на планетата Девет убаво и логично би одговорило на неколку неповрзани отворени прашања за Сончевиот систем” , вели Бекер кој е дипломиран истражувач. “Со нетрпение го очекувам денот кога ќе ја потврдиме или отфрлиме оваа идеја, со што конечно би одговориле на овие прашања.”
Браун и Батигин неодомна објавиле студија за орбиталното групирање и планета Девет. Нивната идеја е дека кластерите што ги гледаме се поврзани со други фактори.Тие проценуваат дека веројатноста планетата Девет да не постои е околу една во 500.
“Иако направените анализи не покажуваат директно дали планетата Девет е таму, тие покажуваат дека претпоставките се темелат на цврста основа”, изјавува Браун.
Благодарание на подобрената осетливост на телескопите и направените истражувања, истражувачите оптимистички мислат дека во наредните 10 до 15 години ќе може оваа планета да се набљудува или идејата за нејзино постоење да биде отфрлена.
Според Адамс, планетата Девет е на вистинскиот пат за да биде откриена. Но сепак, таа би била слабо видлива на толку големо небо. Бидејќи не се знае точно каде е оваа планета, ќе мора добро да се прегледа целото небо или големи делови од него, за да се пронајде.
Потрагата по овој можен свет продолжува.
Превод: Цветанка Мачавеловска
Извор: IFLScience.com