Гравитацијата, една од четирите фундаментални сили на природата, се појавува како универзално стабилна низ Универзумот, според една децениска студија за далечен пулсар. Ова истражување помага да се даде одговор на долгогодишното нерешено прашање во космологијата: дали силата на гравитацијата е иста насекаде и во секое време? Одговорот, досега, се чини дека е да.
Астрономите со помош на телескопот GBT (Green Bank Telescope) на Националната фондација за наука (NSF) во Западна Вирџинија и опсерваторијата Аресибо (Arecibo) во Порторико спроведoa 21-годишна студија на прецизно мерење на постојаниот „тик-тик“ на пулсарот познат како PSR J1713+0747. Ова макотрпно истражување го произведе најдоброто ограничување на гравитациска константа измерено надвор од нашиот Сончев систем.
Пулсарите се супергусти, ротирачки остатоци од масивни ѕвезди кои детонирале како супернови. Тие се откриени од Земјата преку снопови од радио бранови кои произлегуваат од нивните магнетни полови и се движат низ просторот како што пулсарот ротира. Бидејќи тие се фантастично густи и масивни, а сепак релативно мали (само 20 до 25 километри во пречник), се во состојба да ја задржат својата стапка на ротација во конзистентен континуитет, со што им конкурираат на најдобрите атомски часовници на Земјата. Ова ги прави пулсарите исклучителни космички лаборатории за проучување на фундаменталната природа на просторот, времето и гравитацијата. „На чуден начин конзистентноста на овој ѕвезден остаток нуди интригантни докази дека основната сила на гравитација, големото „Г“ во физиката, останува цврсто во целата Вселена“ изјави Веивеи Жу, поранешен астроном од Универзитетот на Британска Колумбија во Канада и главен автор на студијата прифатена за објавување во Астрофизичкото списание (Astrophysical Journal). „Ова е набљудување кое има значајни импликации во космологијата и некои од фундаменталните сили на физиката.“
„Гравитација е сила што спојува заедно ѕвезди, планети и галаксии“ вели Скот Ренсом, ко-автор и астроном во Националната радиоастрономска опсерваторија во Шарлотсвил, Вирџинија. „И покрај тоа што се појавува на Земјата како постојана и универзална, постојат теории во космологијата кои укажуваат дека гравитација може да се менува со текот на времето и може да биде различна во различни делови на Универзумот“.
Податоците користени во текот на овој експеримент се во согласност со непроменливата гравитациска константа во далечнен ѕвезден систем. Претходни истражувања во нашиот Сончев систем, кои се базираа на прецизни ласерски студии на растојание Земја – Месечина, ја потврдуваат истата конзистентност со текот на времето.
„Овие резултати, нови и стари, ни овозможуваат да отфрлиме со голема сигурност дека може да има „посебни“ времиња или локации со различно гравитациско однесување“ додаде Ингрид Стеирс, ко-автор на студијата од Универзитетот на Британска Колумбија во Канада. „Теории на гравитацијата кои се различни од општиот релативитет вообичаено прават такви предвидувања, поради што ставивме нови ограничувања на параметрите кои ги опишуваат овие теории.“
Жу заклучува: „Гравитациската константа е основна константа на физиката, па затоа е важно да се тестира оваа основна претпоставка користејќи објекти во различни места, времиња и гравитациски услови. Фактот што гледаме дека гравитацијата се однесува исто во нашиот Сончев систем како што тоа го прави во некој друг ѕвезден систем помага да се потврди дека гравитациска константа е навистина универзална“.
Превод: Боро Костевски
Извор: Phys