Астероидот Флоренс (3122 Florence), големо тело од класата на астероиди блиски до Земјата, ќе помине на мало, но безбедно растојание од нашата планета на 1-ви септември 2017-та година (утре). Се работи за оддалеченост од околу 7 милиони километри, односно растојание кое е 18 пати поголемо од она помеѓу Земјата и Месечината
Флоренс е еден од најголемите астероиди блиски на Земјата во класата на тела со пречник од неколку километри. Мерките добиени од Вселенскиот телескоп Спицер (Spitzer) на НАСА и мисијата NEOWISE укажуваат на големина од 4.4 километри. Ова не е првпат некој астероид да се доближи на толку мало растојание од Земјата, но Флоренс е најголемиот астероид кој ѝ се приближил на нашата планета во периодот откако НАСА ја има започнато програмата за откривање и следење на астероиди блиски на Земјата.
На ова кратко видео се исцртани патеките на планетата Земја и астероидот Флоренс (Заслуги: НАСА):
Оваа релативно блиска средба за научниците значи можност за проучување на астероидот одблиску. Се очекува Флоренс да биде одлична мета за радарско набљудување од површината на Земјата. Радарските снимки ќе ја прикажат вистинската големина на Флоренс и можеби ќе откријат површински детали со големина од само 10-тина метри.
Астероидот Флоренс бил откриен од страна на астрономот Шелте Џ. Бас (Schelte John “Bobby” Bus), во опсерваторијата Сајдинг Спринг во Австралија, во март 1981-ва година. Името го добива во чест на Флоренс Најтингејл (1820-1910), основоположничка на модерната медицинска нега. Преминот на овој астероид до Земјата ќе биде неговото најголемо приближување од 1890-тата година и ваквата близина нема да се повтори сѐ до 2500. Флоренс веќе ја има достигнато деветтата магнитуда и е видлив низ мал телескоп во текот на неколку ноќи, како што ќе преминува низ соѕвездијата: Јужна Риба (Piscis Austrinus), Јарец (Capricornus), Водолија (Aquarius) и Делфин (Delphinus).
Радарите досега биле искористени за набљудување на стотици астероиди. Кога овие мали, природни остатоци од создавањето на Сончевиот Систем ќе дојдат релативно блиску до Земјата, радарите наменети за набљудување на длабоката Вселена се користат како моќна техника за проучување на големината, формата, ротацијата, површинските каратеристики, како и попрецизно утврдување на патеката на астероидите.
Превод: Марина Димовска
Извор: NASA JPL