Гаја забележува потрес во Млечниот пат

0

Спиралната форма од приказот 1ц од статијата објавена во „Природа“ се појавува во внатрешноста на стар часовник, симболизирајќи го фактот дека овие податоци ни дозволуваат да ја датираме пертурбацијата која го потресе дискот на Млечниот пат. Овој приказ покажува како од новодобиените податоци од Гаја можеме да дознаеме повеќе за минатото на нашата галаксија. Заслуги: Едмон де Харо/iStock

Тим предводен од истражувачи од Институтот за Космолошки науки при Универзитетот на Барселона (ИЦЦУБ, УБ-ИЕЕЦ) и Универзитетот на Гронинген, со анализирање на податоци од сателитот Гаја, пронајде субструктури во Млечниот пат кои претходно не беа познати. Пронајдоците, кои се појавуваат при спојувањето на позициите и брзините на 6 милиони ѕвезди од галактичкиот диск се објавени во списанието Природа.

„Имаме набљудувано форми со различни морфологии, како спирала слична на школката на полжавот. Постоењето на ваквите субструктури е забележано за прв пат благодарение на неприкосновената прецизност на податоците добиени од сателитот Гаја, сопственост на Европската вселенска агенција (ЕСА)“, вели Тереза Антоја, истражувач во ИЦЦУБ (ИЕЕЦ-УБ) и првиот потпишувач на статијата. „Овие субструктури ни овозможуваат да заклучиме дека дискот на нашата галаксија преживеал важно гравитациско бранување пред околу 300 до 900 милиони години. Ова е еден од првите големи пронајдоци во „галактичката археологија“ по објавувањето на податоците од Гаја. Овие податоци би можеле да им помогнат на истражувачите да дознаат повеќе за почетоците и еволуцијата на Млечниот пат.

Што го предизвикало ова бранување? За да го одговорат ова прашање, истражувачите ги споредија структурата и нивото на завртеност на спиралата со модели на динамиката на галаксијата. Тие развија хипотеза дека бранувањето било предизвикано од блиското разминување на џуџестата галаксија Стрелец со дискот на Млечниот пат.

„Истражувањето дефинитивно наведува на тоа дека дискот на нашата галаксија е динамички млад, дека е чувствителен на дразби и дека се менува со време,“ вели Антоја. „Една од највпечатливите форми кои ги забележавме е спиралниот распоред на ѕвездите близу до сонцето, што досега не е забележано. Всушност, увидените форми во графичките прикази беа толку јасни (за разлика од вообичаените случаи) што помисливме дека е можно да има грешка во податоците,“ вели Антоја. Повеќе од 100 европски инженери и научници, меѓу кои УБ имаше важна улога, со месеци работеа на потврдувањето и одобрувањето на податоците од Гаја. Мерсе Ромеро Гомез, истражувач на УБ, вели дека како дел од овие задачи „симулациите спроведени во УБ ни овозможија да ги репродуцираме спиралите кои претходно ги набљудувавме.“

Слично на камен кој паѓа во бара и создава бранови кои се шират на површината, или на магнет кој се доближува на железни струготини кои се одвраќаат од него во одредена насока, ѕвездите во галактичкиот диск биле прередени на одереден начин по гравитациското заемнодејствие на галаксијата која поминала до нив. По извесно време ѕвездите ги задржале ефектите на бранувањето кое ги потресло додека се движеле, и затоа сега можеме да забележиме спирала во графичките прикази.

Амина Хелми, истражувач при Универзитетот на Гронинген, вели „Знаеме дека нашата галаксија е „канибал“, т.е. пораснала со јадење на други помали галаксии, како што прави токму сега со џуџестата галаксија Стрелец.“ И покрај тоа, експертот забележува дека „масата на Стрелец е сепак доволно голема за да има забележително гравитациско влијание.“ Тоа што истражувачите го гледаат сега не наликува на судир на две галаксии, туку на приближување на Стрелец до галактичкиот диск на Млечниот пат.

Први резултати од новата објава на Гаја

Податоците анализирани во ова истражување се дел од втората објава на Гаја, објавена на 25 април 2018. „Научниците и инженерите на УБ имаа суштинска улога во спроведувањето на овие податоци во реалност,“ вели Хавиер Лури, директор на ИЦЦУБ и координатор на тимот кој ја изгради архивата на Гаја. Трудот на над 400 научници и инженери го овозможи објавувањето на позиции и прецизни движења на повеќе од 1300 милиони објекти. Овој втор каталог – кој го опфаќа првите 22 месеци од собирањето на податоци – ги објави првите спектроскопски податоци за околу милион ѕвезди во околината на сонцето, штo им овозможува на истражувачите да ја измерат брзината на ѕвездите во нашето видно поле и со тоа да ги добијат трите координати на ѕвездената брзина. Овие податоци го овозможија откритието кое сега е објавено во Природа.

Сега сателитот Гаја успешно работи над 48 месеци, и ЕСА ја продолжи мисијата до крајот на 2020. ЕСА сега проценува втора двегодишна мисија. Карме Џорди, истражувач во УБ и член на научниот тим на Гаја, вели дека „се покажува на тоа дека ова е само едно од првите откритија во долга низа на нови наоди и изненадувања сокриени во податоците кои Гаја ги објави во април – врвот на санта мразот во изучувањето на потеклото и еволуцијата на галаксијата во која постоиме.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: Phys.org

Сподели.