Фино е во Финска – патувањето на Марија и Мартин под Аурорите

0

Сè си мислам малку работи можат да остават човек толку многу воодушевен. Јас немав никаква претстава што да очекувам, нешто слично како Џоди Фостер во легендарниот филм „Контакт“. Тие беа зборовите во мојата глава: „Some celestial event. No–no words–no words to describe it. Poetry! They should have sent a poet. So beautiful. So beautiful…I had no idea. I had no idea.“ 🙂 – Марија.

Убавина која за жал невозможно е да ја доловиме со никаков текст, слика или видео. Ќе се обидеме затоа со сите 3 колку што може да ви го пренесеме впечатокот кој ние го доживеавме.
Дефинитивно вредеа сите жртви во предходните 2 години додека се спремавме за ова за нас и доста скапо патување. Сакавме да одиме оваа година, затоа што веќе помина максимумот на Сончева активност, кој е директно поврзан со појавувањето на аурорите, па ќе требаше да чекаме 11 години до следниот максимум.


Фино е во Финска - патувањето на Марија и Мартин под Аурорите
Fin-IMG_0854

Така, долгоочекуваното патување за Нелим започна на 17-ти јануари, со лет преку Истанбул до Хелсинки. Хелсинки нè пречека со силен дожд, кој што малку ни го отежна барањето на хотелот „Јаболко“ и ни ги намокри картите, a веќе наредното попладне бевме во Арктикот. На летот до Ивало (најсеверниот аеродром во Финска) за последен пат во тие 4-5 дена го видовме Сонцето. Деновите кога бевме во Арктикот за географската ширина каде што се наоѓа Нелим 68 степени 50 минути за првпат теоретски можете да го видите Сонцето, само кратко на хоризонтот (теоретски!). Не дека има целосен мрак, ама во периодот од 9 часот наутро до околу 3 часот имате период кај што имате скоро континуиран самрак со навистина прекрани нијанси на небото, кои одат од светло виолетови па до јако црвени, за на моменти да се забележи и зеленкаста боја. Фотографски рај, ако нас нè прашувате! 🙂

Од аеродромот во Ивало до Нелим има околу 50-тина километри кои ги возите по комплетно замрзнати патишта, што за локалците е сосема нормално и возат по нив со истите брзини како и ние по нашите. Ние имавме организиран превоз од хотелот во кој престојувавме (Wilderness Hotel Nellim) кои навистина се погрижија во такво изолирано место да ни ја пренесат само убавата страна на Арктикот, а не таа суровата.
Зошто го одбравме Нелим? Мартин, „поучен од искуството пред две години кога бев и во Нелим и во еден поголем град Саариселка заклучив дека за аурорите, како и за набљудување на небото, ви е потребна темнина. Нелим е мало селце во кое покрај хотелот има уште 15-тина куќи во кои што живеат луѓе. Значи место совршено за набљудување на аурорите. Одалечете се само 100-200 метри од хотелот и веќе сте во целосен мрак и небото ви е на дланка. Кога бевме во поголемиот град пред 2 години моравме секоја вечер да го земаме автомобилот за да излеземе доста подалеку од градот за да имаме потемно небо и поголеми шанси да ја видиме аурората.“
Исто така, тоа е место каде што луѓето од хотелот чиишто гости доаѓаат во лов по аурори, ги исклучуваат сите улични светла од селцето и тука имате совршена набљудувачка атмосфера. Иако, мора да напоменам дека никогаш не е многу темно. Аурори често пати има и ние кога не ги гледаме, како некоја зеленкаста измаглица, која што го осветлува небото а бидејки пејсажот е скоро 100% снег, се рефлектира и светлината од нив, и од Млечниот пат, така што секогаш е темно, но видливо.

Fin-IMG_0201

Fin-IMG_9660

Fin-Arctic-sunset

Температурите првиот ден веќе беа -12 степени, за понатаму секој ден сè повеќе да се намалуваат. Последната ноќ пред да си заминеме беше некаде -35 степени. Навистина пред секое подолготрајно престојување надвор треба убаво да се облечете, со најмалку 3-4 слоја на облека на нозете и исто толку пара чорапи, од кои едните препорачливо е да се волнени. На горниот дел од телото сигурно барем 5-6 пара облека. Како дополнително од хотелот имавме на располагање скафандери кои ги облекувате над цела облека, а и добар пар на арктички чизми. Така наоблечени навистина немавме проблеми да се справиме со повеќечасовното седење на така ниски температури.

Предвидувањата на сајтовите за активноста на Сонцето кажуваа дека од сите 4 ноќи кои што требаше да сме во Нелим, најдобра аурора треба да видиме првата ноќ, 18-19 јануари. Навистина во текот на ноќта имаше прекрасно аурора шоу. Започна срамежливо после 10 часот навечер и траеше некаде до 2 часот по полноќ, кога скоро целосно ја снема аурората. Имаше навистина светли аурори неколку пати, неколку од нив убаво ги фативме на фотографии.;) Танцот на аурората во некои моменти беше навистина спектакуларен. Тоа на ниту едно тајмлапс видео или пак фотографија не можете да го видите, само може да го доживеете ако сте таму под аурорите. Тие така интересно танцуваа, менувајќи го правецот, вибрациите на движење, на моменти заликуваа на осцилоскоп, а на моменти грандиозно танцуваа како пар кој игра танго (they should have sent a poet? 😀 )
Наредните 2 ноќи не беа нешто за кажување. Втората ноќ континуирано имаше тенок слој на облаци над цело небо. Се забележуваше дека горе има аурора, но преку облаците само можевме да видиме дифузен зелен сјај. Наредната ноќ времето конечно целосно се разведри, и останавме 3-4 часа чекајки ги аурорите, но освен прекрасното ноќно небо, немавме среќа со нив.

Fin-IMG_0460

Во Нелим, во организација на хотелот, може да имате забава и преку ден. Има разно-разни дневни активности кои се интересни особено за нас „јужњаците“ кои немаме шанса тука локално да ги правиме истите. Ние одбравме возење со хаски. Хаските се едни прекрасни суштества, желни да влечат нешто. Нè пречекаа со гласни лаeња, неможејќи да дочекаат да се сместиме во санките и да тргнат да нè возат по прекрасната снежна природа. Денот беше прекрасен, ведро време со преубави бои, температурата беше сигурно околу -15, но тоа за нив е веќе топло, па додека нè возеа знаеа одвреме-навреме да си каснат снег и на секоја пауза да се разладуваат во снегот 🙂 Toj беше и првиот ден каде што теоретски е возможно да се види Сонцето од таа географска ширина, па се повозивме до некоја височинка од каде што теоријата стана реалност, и неколку зраци од сонцето нè погалија на кратко.

Fin-IMG_9721

Fin-IMG_9396

Fin-IMG_9405

Последната ноќ беше и роденденска (Марија). Најавите беа дека нема да има премногу сјајни аурори, но сето тоа падна во вода кога уште пред 6 часот за време на вечерата слушнавме воодушевувања од луге во дворот на хотелот. Вечеравме и набрзина отидовме да се облечеме зошто тоа што се случуваше на небото беше феноменално. Уште во дворот на хотелот видовме дека аурората на небото е навистина сјајна и многу разиграна. Поради тоа што во 8:30 требаше да одиме на возење со сноумобили не отидовме далеку од хотелот, туку само на блиското пристаниште на Езерото Инари. Фантазија, само така можам да го опишам со зборови тоа што го видовме таа вечер, особено во одредени интервали. Аурората на моменти беше распространета по целото небо, дури и на југ. Се појавуваше буквално сегаде – север, запад, зенит, југ, исток. На моменти толку сјајна што целиот пејзаж добиваше многу изразита зелена боја. Згора на сета возбуда, многу светол метеор (сигурно некаде -4 магнитуда) го запали небото дополнително. Астрономски сон, роденденски подарок надвор од границите на мојата фантазија и прекрасно изненадување 🙂

Fin-Aurora-trees1

Fin-House-and-aurora3

Fin-IMG_0556

Како од шала поминаа тие 2-3 часа што ги имавме пред договореното возење со сноумобилите. Се дооблековме, со кациги и многу дебели ракавици, затоа што таа ноќ беше поладно и од -30 и започнавме со возење по замрзнатите езера. А, -30 + брзо движење = мноооооогу ладно. Е па испадна недоволно ладно, затоа што на места езерото се подстопило, веројатно зарди потповршински тек на вода, и се направила каша од мраз и вода, во која што сите екипно заглавивме. Среќа, во близина на брегот, па сите истрчавме кон истиот и сфативме дека ситуацијата може да се претвори во сериозна, особено затоа што имаше член од екипата чиишто чизми имале дупка и сега имаше водени стапала. Водичот веднаш запали оган, затоа што на таа температура ако нешто не сакаш да ти се случи, тоа е да се наводениш. Сè помина во ред, се стопли и исуши госпоѓата и дојде момент да треба да се враќаме, а сноумобилите заглавени во мраз. Не само што беа заглавени, туку и секој дополнителен момент како седат во водата се намалуваат шансите дека некој ќе ги одглави (бар до пролет 😀 ). И, на наше изненадување, во стил на супер-херој дојде еден локалец (инаку познат фотограф – Марку) и ги одглави сите до една. Се вративме назад, делумно измрзнати. Останатите си легнаа да спијат, а ние по едно-две топли чајчиња ја продолживме авантурата. Прво се поставивме во дворот на хотелот, но брзо сфативме дека им пречиме на лугето со нашите изливи на среќа. Затоа што аруорите уште еднаш нè воодушевија, овојпат посилно од било кога. Па почнаа луѓе по пижами да излегуваат на -30 да видат што викаат па овие сега. … Брзо се преселивме со опремата до едно помало езеро Ма (MaaJarvi), кое се наоѓа веднаш зад хотелот. Успеавме да бидеме надвор до 3 часот по полноќ, кога веќе малку ни пристуде зошто повеќе од 7 часа бевме надвор. Аурорите сè уште беа на небото и таму беа дури до зората. Со сите завеси отворени, се гледаа и од собата во хотелот, од каде уживавме уште малку. Ден за паметење, ноќ што не сакавме да помине.

Fin-IMG_9964

Fin-Zenith5

Fin-IMG_9753

Прекрасната еднонеделна авантура ни заврши со уште еден ден во Хелсинки пред да се вратиме во Скопје. Ние сигурно нема да го заборавиме ова патување. Многу убави моменти и едно чудо прекрасни аурори засекогаш ќе не потсеќаат на ова патување. Добро е што направивме толку многу фотографии, затоа што на моменти ќе си помислевме дека сме претерале со впечатоците, дека субјективно сме ги доживеале. Но тука се тие да нè потсетат и на моменти повторно да не зачудат и воодушеват.
Сигурно за нас ова нема да биде последен пат да одиме на едно вакво патување во лов на аурори. Ако не наредната година, сигурно за време на наредниот сончев максимум Арктикот повторно ќе нè види.

Се надеваме дека уживавте во фотографиите и видеата кои ги има во овој малку подолг патопис.

Фотографии: Марија Јанчевска и Мартин Стојановски

Текст: Марија Јанчевска и Мартин Стојановски

Сподели.