Филе сè уште комуницира!

0

Розета повторно воспостави контакт со Филе (Philae), кој седи на површината на комета (на оддалеченост од 511 милиони километри од нас!) за време на вчерашната размена на податоци, со што се потврди дека слетувачот сè уште има енергија на површината на кометета 67P/Чуриумов-Герасименко.

Филе сè уште комуницира!

Заменик директорот за летот Елза Монтагон ги гледа податоците од Филе кој се наоѓа на површината на кометета 67P / Чурумов-Герасименко. Заслуги: ESA

Размената на податоци започна во 22:29 GMT / 23:29 CET, што беше во рамката на очекувањата. Наспроти сите шанси, без помошен мотор кој бутка надолу и со автоматкиот систем на харпун кој не профункционира, во средата смелиот слетувач Филе слета вкупно три пати на кометата пред конечно да застане на место.

Иако сè уште трае потрагата по финалното место на слетување, слетувачот е во трка со времето за да исполни што е можно повеќе од главните научни цели пред да се потроши примарната батерија. Во услови на слабо осветлување на локацијата на Филе, помалку веројатно е дека споредните батерии ќе се наполнат доволно за да овозможат дополнителни операции на површината.

Сите научни инструменти се употребени, вклучувајќи ги и инструментите што побаруваат механичко поместување, како APXS, MUPUS и дупчалката SD2, која е дизајнирана да земе примероци за инструментите PTOLEMY и COSAC кои се внатре во слетувачот.

Тимот на слетувачот сега ќе ги проучи податоците за да потврди дали сите експерименти биле спроведени.

Научни податоци кои пристигнуваат од Филе на 14 ноември 2014. Заслуги: ESA

Се очекува дека планираната мисија на Филе ќе заврши кога ќе се потрошат батериите, најверојатно во сабота, при што можни се идни контакти ако условите на осветлување се променат додека кометата орбитира поблиску до Сонцето, овозможувајќи Сончевата енергија да протече повторно.

Мисијата на леталото Розета продолжува по планот, а огромен број на научни набљудувања следат во иднина.

Превод: Софија Спировска

Извор: ESA

Сподели.