Филе се јави дома по осми пат

0
Филе се јави дома по осми пат

Фотографија од кометата 67P /Churyumov-Gerasimenko на која се гледа дел од леталото. Извор: ESA, ноември 2014.

Најголемата европска роботизирана лабораторија Филе (Philae), движејќи се кон Сонцето на кометата 67П Чуриумов-Герасименко (67P/Churyumov-Gerasimenko) успеа да воспостави контакт со Земјата по осми пат.

По двонеделен молк, Филе со помош на неговиот брод Розета направи повик кон Земјата, долг 20 минути. Од ЕСА велат дека ова се многу охрабрувачки вести за иднината на мисијата на Филе.

Претходно, на 24 јули беше за последен пат забележана повратна информација од Филе. Тој најпрво се разбуди на 13 јуни, по седуммесечна хибернација на површината на кометата. Малиот робот слета минатата година на 12 ноември, по 10 годишно патување на Розета. Слетувањето беше турбулентно и лабораторијата неколку пати отскокнуваше од нерамната површина пред да се смести во длабока сенка, надвор од дофатот на сончевата светлина, каде ја обновуваше својата батерија. Пред да прејде во фазата на мирување на 15 ноември, Филе испрати податоци од површината кои ги собра со помош на неговите инструменти во текот на 60 часа.

Сега, Филе се движи кон Сонцето заедно со кометата со брзина од околу 30 км. во секунда. Овој контакт беше засега најдолгиот и најквалитетниот бидејќи се состоел од 12-минутен чист, непрекинат повик. Ова се одлични вести за иднината бидејќи со ваква добра конекција, Филе ќе може да биде успешно управуван и да добие команди за промена на позицијата или бушење со цел да се направат и потповршински истражувања.

Филе е опремен со 10 инструменти и научниците се надеваат дека со нивна помош успешно ќе се проучат кометите и нивната улога во започнувањето на животот на Земјата. Кометите се замрзнати остатоци од времето на оформувањето на Сончевиот систем со облик на топки од прашина, мраз и гас. Дел од научниците сметаат дека кометите кои се судриле со нашата штотуку настаната планета ја донеле водата и хемиските соединенија неопходни за почетокот на животот.

Кометата 67П се приближува кон најблиската точка до Сонцето, на 185 милиони километри каде треба да стигне на 13 август и научниците со нетрпение чекаат да ги видат промените кои ќе настанат при ова патување.

Сподели.