Најдалечниот познат објект во Сончевиот Систем е потврден. Фар-Фар-Аут (англ. FarFarOut) е едно големо парче камен откриено во 2018 година на растојание од неверојатни 132 АЕ (Астрономски Единици) од Сонцето. Изминатиот период Фар-Фар-Аут беше проучуван и карактеризиран, па сега знаеме многу повеќе за овој објект и за неговата орбита.
Фар-Фар-Аут има напречна должина од 400 километри што претставува долна граница за класифицирање како џуџеста планета. Првичните набљудувања предвидуваат дека просечната орбита на овој објект е 101 астрономски единици – тоа е 101 пати повеќе од растојание помеѓу Земјата и Сонцето.
Во споредба со просечниот радиус на орбитата на Плутон, што е околу 39 АЕ, Фар-Фар-Аут е навистина далеку. Тој моментално е познат под ознаката 2018 AG37 и во согласност со правилата пропишани од Интернационалната Астрономска Унија, сѐ уште се чека одобрување за неговото вистинско име.
Сепак, орбитата на Фар-Фар-Аут не е едноставна кружница околу Сонцето, туку претставува испакната елипса. По внимателните набљудувања, научниците ја пресметаа неговата орбита. Фар-Фар-Аут се оддалечува дури и до 175 АЕ, а се доближува до 27 АЕ со што и влегува во внатрешноста на орбитата на Нептун
За астрономите, ова е прилика да откријат нешто повеќе за планетите во надворешниот Сончев Систем.„Најверојатно Фар-Фар-Аут бил исфрлен во надворешниот дел од Сончевиот Систем на тој начин што во своето далечно минато премногу се приближил до Нептун,“ вели астрономот Чед Трухиљо од Универзитетот во Северна Аризона. „Исто така, голема е веројатноста Фар-Фар-Аут повторно да гравитациски да реагира со Нептун во иднина бидејќи нивните орбити се пресекуваат.“
Неговото име всушност еволуираше од едно друго откритие на далечен објект во 2018 година.
Џуџестата планета Фар-Аут орбитира на просечно растојание од 124 АЕ и е наречена така поради извикот на астрономот Скот Шепард од Научниот Институт Карнеги. Кога тој и неговите колеги пронајдоа уште подалечен објект, очигледно беше и името.
Сепак, Фар-Фар-Аут сѐ уште е обвиен во мистерија. Бидејќи е толку далеку, тој е навистина темен и поради тоа тој е набљудуван само 9 пати за време од две години. Тимот ја заклучи неговата големина базирајќи се на неговата осветленост. Но освен тоа, не знаеме многу работи. Може да биде еден многу голем неправилен објект во Кујперовиот Појас или можеби може да ги исполни критериумите за џуџеста планета.
Дополнително, астрономите не се сигурни и за времето потребно за едно орбитирање, но веруваат дека истото изнесува околу 800 години (во споредба со 248 години на Плутон). Постои веројатност ова време да достигне и двапати повеќе од тоа што го очекуваат астрономите или пак Фар-Фар-Аут да се движи побргу.
Јасно е дека се потребни повеќе набљудувања
„На Фар-Фар-Аут му е потребен речиси еден милениум за да го заобиколи Сонцето,“ вели астрономот Дејвид Толен од Универзитетот на Хаваи во Моноа. „Заради ова, тој се движи многу споро на небото и затоа се потребни неколку години набљудување за да се одреди прецизната траекторија.“
Шепард, Толен и Трухиљо го проучуваат надворешниот Сончев Систем со цел да ја пронајдат Планетата Девет – хипотетички објект за кој се верува дека е одговорен за чудните движења на објектите подалечни од Плутон.
Постојат и други објаснувања за овие движења, но дури и овие проучувања имаат пријатни изненадувања. Тимот откри бројни објекти за кои претходно не знаевме, меѓу кои се Фар-Аут и Фар-Фар-Аут. Тука се вбројува и џуџестата планета Гоблинот на растојание од 80 АЕ.
Има и еден објект наречен 2014 FE72, чие максимално растојание е дури и до 3 000 АЕ – единствен објект од овој вид со орбита надвор од онаа на Нептун. Моментално е многу поблизу бидејќи во 1965 година го достигна најблиското растојание до Сонцето.
Но изненадувањата не доаѓаат само од надворешниот Сончев Систем. Истражувачите открија 12 претходно непознати месечини во орбита околу Јупитер и уште 20 месечини околу Сатурн.
Па ако постои Планетата Девет, ова се истражувачите кои можат да ја пронајдат, а во тој процес, тие ќе откријат и уште многу изненадувања за надворешниот Сончев Систем.
„Откритието на Фар-Фар-Аут само ни покажува колку многу е зголемена способноста за мапирање на надворешниот Сончев Систем и за набљудување подалеку и подалеку кон самите рабови на Сончевиот Систем,“ вели Шепард.
„Напредоците кај големите дигитални камери во телескопите изминатите неколку години се она што овозможува ефикасно да откриваме далечни објекти како Фар-Фар-Аут. Иако некои од овие далечни објекти се прилично големи (со големини на џуџести планети), тие се навистина бледи поради огромната оддалеченост од Сонцето. Фар-Фар-Аут е само еден од многуте објекти во далечниот Сончев Систем.“
Превод: Теодор Ангеловски
Извор: sciencealert.com