Потрагата по вонземски живот сè повеќе се одвива во океанските светови на Сончевиот систем и има нови докази дека Европа, месечината на Јупитер, треба да биде првото пристаниште каде што ќе застанеме. Според ново моделирање, подземните океани на Европа треба да можат да подржат живот.
Тимот на НАСА зад ова истражување пресметал дека процесите како радиоактивното распаѓање или плимските сили можат да создадат доволно топлина за да обезбедат течна вода на смрзнатата месечина, каде што температурите не достигнуваат повеќе од -140 целзиусови степени.
Овие откритија беа претставени на 2020 Конференцијата Голдшмит и допрва треба да бидат рецензирани, но сепак тие се последните индиции од многу претходно кои имплицираат на Европа како живоносен свет.
Не сме сигурни на каква форма на вонземски живот може да наидеме, но океанските светови како Европа и месечината на Сатурн, Енцелад, се од голем интерес. Под дебелата обвивка од мраз, се очекува дека има течни океани, бидејќи се забележани облаци од водена пареа како излегуваат од двете месечини.
Ова дава надеж дека месечините можеби имаат живот сличен на преполните екосистеми околу хидротермалните отвори на Земјата. Во темните и ладни длабочини на океанот, вулканските отвори ја затоплнуваат водата околу нив, па таму животот се гради со хемосинтеза, искористувајќи ја хемиската енергија наместо сончевата енергија за производство на храна.
Со оглед на тоа што НАСА ќе лансира мисија на Европа во 2024 година, научниците работат на тоа да дефинираат како мисијата ќе бара знаци на живот и колку е веројатно дека ќе ги пронајде. Дел од ова е одредување на веројатноста за појава на некои од условите, на што работат Мохит Мелвани Дасвани и Стивен Ванс, планетарни научници во НАСА.
Главна цел на нивното истражување е да се најде од каде потекнува водата. Истражувањето сугерира дека била врзана за минерали кои што се распаднале од топлината на радиоактивното распаѓање, плимските интеракции со Јупитер или комбинација на обете.
„Бевме во можност да ги моделираме составот и физичките својства на јадрото, силикатниот слој и океанот“, објасни Мелвани Дасвани.
„Откриваме дека различни минерали губат вода и испаруваат на различни длабочини и температури. Ги додадовме овие испарувања за кои се проценува дека се изгубени од внатрешноста и откривме дека се во согласност со предвидената маса на течниот океан, што значи дека веројатно се присутни во океанот“.
Од претходни истражувања знаеме дека Европа е прилично солена, што дава надеж дека нејзините океани се слични со оние на Земјата. Симулацијата на истражувачите ја моделира и композицијата на океанот на Европа низ времето и откри дека започнала како делумно кисела, слично на Земјата, со голема концентрациа на јаглерод диоксид, сулфур и калциум.
„Се сметаше дека овој океан сè уште може да биде прилично сулфурен, но нашите симулации, заедно со податоците од вселенскиот телескоп Хабл кои покажуваат хлорид на површината на Европа, укажуваат на тоа дека водата најверојатно станала богата со хлорид“, рече Мелвани Дасвани.
„Со други зборови, нејзиниот состав станал повеќе сличен на океаните на Земјата. Веруваме дека овој океан би можел да биде прилично пригоден за живот“.
Следниот чекор ќе биде испитување дали се можни некои други услови за живот. Испарувањата од отворите на површината на Европа укажуваат на тоа дека месечината е геолошки активна, танцува со Јупитер и со месечините Јо и Ганимед предизвикувајќи внатрешни стресови кои овозможуваат океанот да остане во течна состојба.
Сè уште не знаеме дали Европа е вулкански активна, способна да произведува хидротермални отвори околу кои се групира живот во длабоките мориња како овде на Земјата. Ако е така, таа активност би можела да придонесе за хемиската еволуција на океанот во Европа. Мелвани Дасвани и Ванс се здружија со групи во Нант и Прага за да дознаат дали е тоа случај.
„Европа е една од нашите најдобри шанси да најдеме живот во нашиот Сончев систем. Мисијата на НАСА на Европа, Клипер, ќе започне во следните неколку години и така нашата работа има за цел да се подготви за мисијата, која ќе ја испита можноста за живот на Европа“, рече Мелвани Дасвани.
„Нашите модели не наведуваат да мислиме дека океаните на другите месечини, како што е соседот на Европа Ганимед и Сатурновата месечина Титан, исто така биле формирани со слични процеси. Сепак, треба да разбереме неколку точки, како на пример, како течностите мигрираат низ карпестата внатрешност на Европа“.
Наодите се презентирани на конференцијата Голдшмит.
Превод: Софија Спировска
Извор: sciencealert.com