Условите во некои џиновски пештери кај вонземските светови можеби се како рај за живиот свет

0

Кога магмата ќе излезе на површината на Земјата, почнува да тече лава. Фасцинантно е да се набљудува ова течение бидејќи зад себе остава специфични формации на камења. Но многу од оваа фасцинантност е скриена под површината, како цевки за лава.

Цевките за лава стануваат сѐ повеќе и повеќе интересни за истражување на други планети, како и на Земјата.

cevki 1

Канал направен од лава на планетата Марс. Заслуги: NASA/Jet Propulsion Laboratory/University of Arizona

Цевките за лава се формираат кога лавата која тече на површината се лади и стврднува, а лавата под површината продолжува да тече. Ова може да се спореди со замрзната река која формира леден слој на врвот, додека водата под мразот продолжува да тече. Лавата која не е стврдната може да остане жешка и да се повлече, со што можеме да кажеме дека се формирала пештера. Овој процес се случува на Земјата и истиот е интересен за истражување, но и предизвик за истражувачите.

Но Земјата не е единственото место каде овој процес е забележан. Се случил на Месечината, на Марс и веројатно секаде каде што постои вулканска активност.

Цевките за лава можат да бидат прилично големи, понекогаш дури и по неколку километри долги. Најдолгата цевка за лава на Земјата која нас ни е позната е пештерата Казамура на Хаваи. Долга е 65,5 километри и истата е истовремено и најдлабоката цевка за лава.

Главната идеја позади статијата наречена „Основен концепт: Цевките за лава можеби се рај и за древниот вонземски живот и за идните истражувања.“ Авторот е Сид Перкинс, новинар кој специјализира во полето на Земјени науки и истовремено пишува за планетарните науки.

Статијата е објавена во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences (PNAS) of the United States of America

Постојат повеќе цврсти докази за цевки за лава на Месечината и на Марс

Во 2009 година, Извидничкиот Орбитер на Месечената (LRO) предводен од НАСА, направи слики од отвор кон цевка за лава во регионот Marius Hills. Неколку години подоцна Индискиот Орбитер на Месечината – Chandrayaan-1 забележа уште цевки за лава. Секако, интересот за истражување на овие формации порасна толку бргу што се отворија и дискусии за условите за населување во цевките за лава.

Првите докази за цевки за лава на Марс дојдоа од Орбитерот Вајкинг на НАСА. Во вулканот Алба Монс, во регионот Тарсус на Марс, камерата на Вајкинг сликаше долга цевка истисната надвор од површината на една страна од вулканот. Речиси е без сомнение дека се работи за цевка за лава.

Во минатото Марс имал вода и бил топол, што значи дека можеби имало живот таму. Со текот на времето, планетата ја изгубила својата атмосфера и вода и се изладила. Но доколку постоел живот, можеби имало доволно време за истиот да мигрира во некои предели погодни за живот, а на Марс, тоа би биле цевките за лава.

Токму ова е причината поради која цевките за лава се интересни за истражување.

„Доколку претпоставиме дека некогаш постоел живот на Марс, па како што планетата еволуирала на тој начин што условите за живот на површината станале сурови, живиот свет можеби се преместил кон области погодни за живот,“ пишува Перкинс во својата статија. „Всушност, некои научници веќе предлагаат дека микоскопскиот живот можеби постои во подземниот рај на Црвената Планета.“

„Како и на други места, па така и на Марс, цевките за лава имаат потенцијал да направат разлика меѓу живот или смрт,“ вели Паскал Ли, планетарен истражувач од Центарот за Истражување Амес на НАСА во Калифорнија.

cevki 2

Илустрација на пресек на отвор од цевка за лава на Марс. Заслуги: Melissausburn/Wikimedia

Но истражувањето на цевките за лава се огромен предизвик. Барем на почетокот би требало да биде извршувано од страна на робот. Кој астронаут би сакал да скокне во јама на Марс без да знае колку е стабилна површината наоколу? Секој кој би го прифатил овој ризик без да разбере што сѐ вложува, веројатно не би го поминал астронаутскиот тренинг.

Пештерите се опасни дури и на Земјата. Потребни се посебни вештини за да се истражуваат истите и не доаѓа во предвид да се ризикува животот на еден астронаут.

Каков робот може да истражува цевки за лава?

Најдобриот начин да се стигне внатре во цевките за лава е преку таканаречените „прозорци“. Тоа е всушност отвор на врвот од цевката за лава каде што кровот се срушил. На овој начин може да се влезе во цевките за лава без да се комплицира со копање и дупчење на површината.

Лаура Кербер е геолог во Лабораторијата за Млазен Погон (англ. Jet Propulsion Laboratory – JPL) на НАСА во Песадена, Калифорнија. Кербер и нејзините колеги предложија робот кој се спушта и ги истрашува цевките за лава на Месечината, а истиот би можел и да работи на Марс. Овој робот се вика Нуркач на Месечината.

Нуркачот на Месечината е одличен концепт. Се состои од ровер и лендер. Прецизен систем за слетување би ги спуштил на површината, близу до „прозорецот“. Роверот е врзан за лендерот и како што роверот се движи кон „прозорецот“, јажето со кое е заврзан за лендерот се издолжува. Кога ќе стигне до „прозорецот“, роверот полека ќе се спушти низ дупката и ќе стигне до подот на цевката за лава.

Но дали ќе биде Нуркач на Месечината, Нуркач на Марс или нешто слично, клучно е што ќе најде

Ѕидовите на цевките за лава можат да содржат секакви докази за историјата на светот во кој тие се наоѓаат и до кои е невозможно да се стигне на било кој друг начин.

Кога астронаутите од програмата Аполо ја посетуваа Месечината, тие никогаш не дупчеле подлабоко од 2.9 метри. Но ѕидовите на цевките за лава на Месечината можат да бидат и десетици метри дебели, а на Марс можеби и уште повеќе.

Различните геолошки слоеви ќе бидат достапни и лесни за проучување. Ѕидовите на цевките за лава би можеле да содржат докази за различни периоди од течењето на лава, докази за периоди од силни удари од метеори и уште многу други докази. Истражувањето на ѕидовите, исто така може да ни помогне подобро да ја разбереме и историјата на Земјата.

Земјата е многу активна планета. па многу од доказите се уништени поради геолошката активност и ерозија. Доколку цевките за лава на Месечината покажат докази за подолг период со постојани удари од метеори во вид на слој од пулверизрани карпи на ѕидовите, возможно е да се датира и одреди кога настанал тој слој.

Преку ваквите докази можеме да заклучиме истото се случило и на Земјата во исто време.

Ако некогаш пратиме робот на мисија до Марс да ги истражува цевките за лава, сигурно нема да имаме недостаток од кандидати за истражување. Астрогеолошкиот Центар предводен од Геолошкото Истражување на САД, собра локации од над 1000 влезови во пештери на Марс, од кои многу се „прозорци“ за влез во цевки за лава. Овие локации се дел од Каталогот на Кандидати за Глобални Пештери на Марс (англ. Mars Global Cave Candidate Catalog).

Доколку денес постојат докази за древен живот на Марс, најдоброто место да се бараат се можеби цевките за лава. Древниот едноставен Марсовски живот можеби се спасил длабоко под површината на Марс. Таму тој би бил заштитен од космичкото зрачење и од штетните честички од Сонцето кои се присутни на планетата поради тоа што нејзината атмосфера не може да ја заштити од истите.

Младиот Сончев Систем бил многу похаотично место кога Марс била топла и влажна планета. Силните удари од метеори биле многу почести, па цевките за лава можеби послужиле како засолниште за живиот свет.

Заштитените ѕидови на цевките за лава се можеби најдоброто место за барање докази од живот на Марс во минатото.

Како што пишува Перкинс во својата статија „ваквите знаци можат да водат кон органски соединенија кои светат под светлина со одредена бранова должина. Исто така, можно е и да најдеме видлив биофилм создаден од микробите.“

„Доколку не најдеме јасни знаци за живот, можеме да најдеме знаци од живот во минатото, како што се фосилизирани микроби или фосилизирани клетки, кои се формирале на ѕидовите од цевките за лава и останале таму сѐ до моментот на откривање.“

Со секоја наредна роботска мисија на Марс, дизајните стануваат сѐ подобри и подобри. Колку повеќе го проучуваме Марс, толку подобро можеме да одбереме област за истражување и да дизајнираме мисии чија цел е да истражат специфични прашања.

Роверот Упорност е следниот ровер кој НАСА го праќа на Марс. По исцрпувачкиот процес за селектирање локација, НАСА го одбра кратерот Језеро каде роверот Упорност ќе бара знаци за живот во минатото.

Прашање на време е кога ќе испратиме мисија за истражување на цевките за лава. Исто така, ќе биде интересно да се набљудува како расте заинтересираноста за ваквата мисија. Ќе биде фасцинантно и да се види какви роботи и технологии ќе се дизајнираат за една ваква мисија.

Но најинтересно од сѐ се доказите кои ќе ги откриеме и со кои ќе се истражат и последните сомнежи за живот во минатото на Марс.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.