Две ѕвезди на смртоносна спирала ќе се детонираат како супернова

0

Две бели џуџиња кружат околу заеднички центар на гравитација заробени во фатално танго. Со интимна орбита и голема комбинирана маса, парот е осуден на судир, спојување и ерупција во титанска експлозија – тип Ia супернова.

Или така вели теоријата позади стандардните свеќи на космологијата.

Во труд во Nature, тим на астрономи објавија опсервациски докази за такво подредување. Две масивни бели џуџиња изгледа дека се на пат кон многу експлозивен крај. Астрономите првично проучувале варијации во планетарните маглини – светлечките облаци од гас што црвените џинови ги исфрлаат кога стануваат бели џуџиња. Една од нивните цели била планетарната маглина Хенизе 2-428 (Henize 2-428), чуден примерок за кој се верувало дека го должи својот облик на постоењето на две централни ѕвезди, наместо една. По набљудувањето на маглината со телескопот VLT (Very Large Telescope) на Европската вселенска агенција, астрономите заклучиле дека биле во право – Хенизе 2-428 всушност има бинарен ѕвезден систем во нејзиното срце.

Понатамошните набљудувања направени со телескопите на Канарските острови им овозможило да ја утврдат орбитата на двете ѕвезди и да ги добијат нивните маси.

Тука работите стануваат интересни. Всушност, двете ѕвезди кружат една околу друга еднаш на секои 4.2 часа, наведувајќи нè на мало разделување што се намалува со секоја револуција. Системот има комбинирана маса од 1.76 Сончеви маси – поголема од рестриктивната маса од 1.4 Сончеви маси што едно бело џуџе може да ја издржи без детонација. Врз база на пресметките на тимот, Хенизе 2-428  најверојатно ќе биде место на експлозија на тип Ia супернова во наредните 700 милиони години.

Досега формацијата на супернови од тип Ia преку спојување на две бели џуџиња беше чиста теорија. Парот на ѕвезди во Хенизе 2-428 е вистинското нешто.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: Universe Today

Сподели.