Необичен, повторувачки светлински сигнал во далечината може да доаѓа од крајната фаза на спојувањето помеѓу две супермасивни црни дупки. На оддалеченост од само неколку стотинки од светлинска година, тие може да се спојат за само еден милион години. Еден ваков настан беше теориски предвиден, но никогаш не бил забележан порано.
Супермасивните црни дупки во центрите на повеќето големи галаксии (вклучувајќи ја и нашата) како да коеволуираат со своите галактички „домаќини”; како што галаксиите се повеќе се спојуваат, така и нивните црни дупки стануваат помасивни.
Откако можеме да ги видиме црните дупки, истражувачите ги анализираат прстените од материјал кои ги опкружуваат, наречени акрециски дискови, кои се создадени од силното привлекување предизвикано од јакото гравитациско влијание на црната дупка. Овие дискови можат да ослободуваат огромни количини на топлина, рентгенско и гама зрачење, кое може да резултира во квазар, едно од најсветлите тела во Универзумот.
Метју Греам и колегите од Калтек (Caltech) забележале светлински сигнал кој доаѓа од PG 1302-102 додека ги анализирале варијациите во сјајноста на квазарите користејќи ги податоците од Каталина (Catalina Real-Time Transient Survey), која постојано набљудува 500 милиони небесни светлински извори на преку 80 проценти од небото со три земјени телескопи.
Тимот забележал 20 квазари кои емитуваат периодични оптички сигнали, што беше неочекувано, бидејќи светлинските криви на квазарите се обично хаотични (тоа е затоа што материјалот од околниот акрециски диск без ред спирално пропаѓа во црната дупка). Од сите нив, чистиот, силен сигнал на PG 1302-102 е тој кој се повторува на секои пет години и се издвојува како таков. „Тоа е навистина убаво мазен растечко-опаѓачки сигнал, слично на синусоиден бран, кој едноставно не е виден кај ниту еден квазар претходно“ – објаснува Греам во соопштението (илустрацијата погоре).
Квазарите обично имаат една емисиона линија која се гледа како симетрична крива. „Но, со овој квазар, беше неопходно да се додаде втора емисиона линија со малку поинаква брзина од првата, со цел да се дојде до податоците” вели ко-авторот на студијата Еилат Гликман од колеџот Мидлбури. „Тоа укажува дека нешто друго, како што втора црна дупка, го менува овој систем.” Супермасивна бинарна црна дупка беше најверојатното објаснување. Било кој објект кој е со помала густина од секундарната црна дупка би бил под влијание на гравитацијата на примарната црна дупка.
„За крајните фази од спојувањето на овие супермасивни системи од црни дупки се знае многу малку“ вели Греам. „Откривањето на систем што се чини дека е во таа доцна фаза од својата еволуција значи дека сега имаме можност да набљудуваме што всушност се случува.“ Ко-авторот на студијата, Даниел Стерн, додава: „Црните дупки во PG 1302-102 се оддалечени најмногу неколку стотинки од светлинска година и би можеле да се спојат за околу еден милион години или помалку.“ А кога тоа ќе се случи, Њујорк Tајмс додава: „ќе се ослободи онолку енергија колку што ослободуваат 100 милиони супернова експлозии.”
Превод: Боро Костевски
Извор: IFLS