Бројни млазови прашина од кометата на Розета доаѓаат од активни јами кои што веројатно биле формирани од ненадеен колапс на површината. Овие дупки* ни овозможуваат поглед во хаотичната и разновидната внатрешност на кометата.
Розета ја следи активноста на кометата 67П/Чурумов-Герасименко (67P/Churyumov-Gerasimenko) повеќе од една година, гледајќи како нејзиното хало од прашина и гасови расте како што кометата се приближува до Сонцето.
На оддалеченост од неколку стотици километри, Розета набљудува сложена шема на емитирање млазови прашина од јадрото. Но сега, благодарение на слики со висока резолуција од камерата Озирис (OSIRIS), на оддалеченост од само 10-30 километри од кометата, барем некои од овие млазови прашина може да бидат следени до конкретни локации на површината.
Идентификувани се 18 квази-кружни јами на северната хемисфера на кометата, а дел од нив се извор на постојана активност.
Јамите се од неколку десетици до неколку стотици метри во дијаметар и се простираат до 210 метри под површината.
Научниците кои ги анализираат сликите сметаат дека јамите биле формирани кога горната површина на подземната шуплина станала премногу тенка за да може да ја поднесе сопствената тежина и колабирала како дупка. Ова ја изложува испуканата внатрешност на кометата, што дозволува инаку сокриениот материјал да сублимира, така што ја нагризува јамата со текот на времето.
Научниците предлагаат три можни начини за создавање на празнините:
Една идеја е дека тие постоеле откако кометата била формирана, како резултат на многу спори колизии помеѓу примордијални градбени блокови со големина од десетици до стотици метри. Колапсот на горната површина на една таква празнина може да биде активирана преку слабеење на површината, веројатно со сублимација или преку сеизмички потреси или удари од карпи исфрлени од други делови на кометата.
Друга можност е директна сублимација на џебовите на испарливите мразови како јаглерод диоксид или јаглерод моноксид под површината, при загревање од сончева топлина која продира низ горниот изолациски слој од прашина.
Алтернативно, сублимацијата би можела да биде придвижена од енергијата ослободена од воден мраз, менувајќи ја својата физичка состојба од аморфна во кристална, потоа сублимирајќи го непостојаното опкружување од замрзнат јаглерод диоксид и јаглерод моноксид.
Ако било кој од последните два процеси е движечката сила, тогаш фактот дека јамите не се секаде видливи може да укажува на нееднаква распределба на мраз внатре во кометата.
Научниците забележуваат дека внатрешните својства откриени на ѕидовите на јамите може значително да варираат од јама до јама, и вклучуваат распарчен материјал и тераси, хоризонтални слоеви и вертикални ленти, и/или глобуларни структури.
„Сметаме дека можеби ќе можеме да ги користиме јамите за да ја карактеризираме релативната старост на површината на кометата: колку повеќе јами има во регионот, толку е помлада или помалку процесирана површината, “ објаснува Жан-Батист Винсент од институтот Макс Планк.
„Ова е потврдено од скорешните набљудувања на јужната хемисфера: оваа страна е повеќе процесирана бидејќи добива значително повеќе енергија отколку северната хемисфера, и не пројавува иста структура на јамите.“
Активните јами се со пострмни страни, додека јамите каде што не е набљудувана активност се поплитки и може да укажуваат на региони што биле активни во минатото. Тимот предлага дека активните јами се помлади, додека средовечните јами пројавуваат карпи на дното што паднале од страните. Најстарите јами имаат деградирани рабови и се исполнети со прашина.
„Продолжуваме да ги анализираме набљудувањата за да видиме дали оваа теорија е точна, и дали овие „временски серии“ се поврзани со внатрешната термална еволуција на кометата,“ додава Себастиен Бес.
„Но сметаме дека повеќето од активните јами биле присутни веќе неколку орбити околу Сонцето, инаку би очекувале да видиме бројни изливи при поттикнување на нивните колапси.“
Розета сведочеше еден излив за време на приближувањето до кометата во април, 2014, кој се смета дека создал помеѓу 1.000 и 100.000 килограми материјал. Авторите наведуваат дека двигател на овој излив може да бил колапс на јама, но тогаш само мал дел од вкупниот волумен на типична јама би можел да биде ослободен.
На пример, ако ја земеме просечна измерена густина на комета од 470 килограми на кубен метар, брзата евакуација на типично голема јама која е 140 метри широка и 140 метри длабока, би резултирало во испуштање на околу милијарда килограми материјал, што претставува неколку редови поголема магнитуда од набљудуваната во април 2014.
„Можноста да ги набљудуваме промените на кометата, особено поврзувањето на активноста со својствата на површината, е клучна способност на Розета и ќе ни помогне да разбереме како внатрешноста и површината на кометата еволуирале од нејзиното формирање.“
„Со продолжувањето на мисијата до септември 2016 можеме да завршиме најдобра можна работа во откривање на начинот на кој функционираат кометите,“ изјавува тимот.
Превод: Биљана Велинова
Извор: ESA
*Забелешка: „Дупка“ се однесува на „sinkhole“- дупка во земјата која е предизвикана од некаков колапс на површинскиот слој.