Вселенското летало на НАСА, Џуно (Juno), е доста популарно помеѓу обожавателите на вселенското истражување. Беше лансирано во 2015 година и оттогаш ни има испратено многу слики од направените 56 прелети околу џиновската гасовита планета Јупитер и нејзините месечини.
Џуно требаше да се пензионира уште пред 3 години, но успешната мисија се одвива и денес. Леталото ја заврши претходната година така што се приближи до месечината ИО (IO) и направи досега невидени фотографии од највулканското небесно тело во нашиот соларен систем. Џуно и се приближи на вулканската месечина ИО и направи фотографии од најмало растојание во последниве 20 години. НАСА сподели фотографии уште следниот ден, и очекувано истите се спектакуларни. Новите фотографии ќе придонесат за истражувањето на вулканската активност на месечината ИО која во текот на годините е набљудувана од леталото на растојание од 11 000 км до 100 000 км.
Вулканизмот на ИО е важен за разбирање бидејќи најверојатно има влијание врз поширокиот систем на Јупитер. На пример, се смета дека вулканските честички кои бегаат од атмосферата на ИО се заробени од магнетното поле на Јупитер, формирајќи топла топка од плазма околу гасната џиновска планета.
За време на прелетот сите 3 камери на Џуно биле свртени кон ИО. Инфрацрвената камера собира податоци за топлината и со тоа ги лоцира вулканите на планетата. Навигациската ѕвездена камера направила слики од површината на месечината со најголема резолуција до сега. И третата, последна, но не и најмалку важна камера, сликала фотографии во видлива боја од месечина.
Во прилог е сликата направена на 30 Декември со третата камера на Џуно (JunoCam), која и покрај тоа што има ослабена функција заради радијацијата, сепак направила воодушевувачка фотографија.
Сликите направени од овој прелет треба да помогнат во разбирањето колку често има ерупции на вулкани на ИО, колку истите се топли и светли, каков е обликот на лавата и како и дали тие се поврзани со протокот на наелектризираните честички во магнетосферата на Јупитер.
Закажан е уште еден ваков прелет на Џуно близу ИО за во февруари 2024 година, кој се очекува да ја збогати колекцијата со информации за ИО и Јупитер. Пролонгираната мисија на Џуно се очекува да заврши во 2025 годината.
Сања Павлова