Џуџести планети

0

Категоријата џуџести планети во Сончевиот систем беше воведена во 2006 година, кога на еден од редовните состаноци на Меѓународната астрономска Унија се разговараше околу промените кои треба да се донесат поради тоа што во Сончевиот систем веќе на големо се откриваа тела кои беа доволно големи за да бидат вметнати во категоријата на планети според тогашната категоризација. За да не излезе дека секоја година ќе добиваме по некоја нова планета, а и поради тоа што новооткриените објекти ги немаа карактеристиките на орбитите како поголемите тела во Сончевиот систем беше утврдена нова дефиниција со која што категориите планета и џуџеста планета беа одвоени. Но, и оваа дефиниција не е најсовршена, затоа што се заснова на објектите само во Сончевиот систем, воопшто не навлегувајќи во општата дефиниција за планети, а такви тела се повеќе и повеќе се откриваат околу други ѕвезди во нашата галаксија.

За разлика од категоријата на планети која е затворена, категоријата на џуџести планети не е затворена и како што се откриваат повеќе и повеќе масивни тела во транс-нептунскиот појас оваа категорија сигурно ќе се зголемува. Првично во оваа категорија беа вметнати 3 тела, за во наредните години да се додадат уште 2. А, моментални кандидати на оваа листа се: Орк, Кваоар, Седна, Варуна, Иксион и уште десетици други тела.

Споредна на големините на џуџестите планети и нивните сателити во однос на Земјата и Месечината

Споредна на големините на џуџестите планети и нивните сателити во однос на Земјата и Месечината

Како најважен прототип за новата класа на транс-нептунски објекти е џуџестата планета Плутон, поради која и настанаа препирките околу оваа нова класификација. Засега именувани и категоризирани џуџести планети се: Церера (единствениот објект кој припаѓа на астероидниот појас и не е дел од транс-нептунските објекти), Плутон (кој се смета како двоен систем со неговиот сопатник Харон), Хаумеа, Макемаке и Ерида. За овие објекти веќе и се употребуваат уште неколку неофицијални имиња како што се: мали планети, суб-планети, планетоиди и плутониди (во оваа категорија плутониди не спаѓа Церера, затоа што таа е класификација на сите мали тела од транс-нептунскиот појас).

Кога објект постигнува хидростатички еквилибриум, исто така познат како гравитациона релаксација, не постојат никакви гравитациони нерамнотежи во неговата површина. Глобален слој на течност ставен на оваа површина (под претпоставка дека за доброто на аргументот ќе остане течност) ќе формира течна површина со ист облик, тука не се вбројуваат површинските карактеристики како кратери и пукнатини. Но, еквилибриумот не значи дека телото ќе биде совршена сфера. Колку едно тело ротира побрзо, толку повеќе издолжена и елипсовидна форма добива. Екстремен пример на тело што нема сферична форма, а е во хидростатички еквилибриум е Хаумеа, што е двапати подолго по должина на главната оска, отколку на половите.

Горната и долната големина и границата за маса на џуџестите планети, не се наведени од страна на Меѓународната астрономска Унија. Нема дефинирана горна граница, па објект помасивен од Меркур, кој го нема “исчистено соседството околу својата орбита од тела со слична големина” ќе биде класифициран како џуџеста планета. Долната граница е детерминирана од условите за постигнување на хидростатски урамнотежен облик, но големината и масата при која телото ја стекнува оваа форма зависи од неговиот состав и термичка историја. Во резолуцијата од 2006 беше наведено дека хидростатички еквилибриум ќе се смета за “телата со маса над × 1020 kg, со дијаметар поголем од 800 километри”, но ова не беше задржано во финалната резолуција.

Сподели.