Џон Глен, првиот Американец во орбита околу Земјата, почина на 95-годишна возраст

0
Џон Глен, првиот Американец во орбита на Земјата, почина на 95-годишна возраст

Џон Глен пред капсулата Френдшип 7 (Friendship 7) во 1962 година. Заслуги: NASA

Џон Глен, национален херој и симбол на Вселенската ера како првиот Американец кој влегол во орбита околу Земјата, почина вчера, на возраст од 95 години.

Тој ќе биде запаметен по својот импресивен живот. Се родил во 1921 година во Кембриџ, Охајо. Пред историскиот вселенски лет во 1962 година, Глен учествувал во 59 воени летови во Втората Светска војна. Во јули 1957-ма година, тој го пилотирал и првиот трансконтинентален лет.

Џон Глен, првиот Американец во орбита на Земјата, почина на 95-годишна возраст

Џон Глен во подготовка за полетување во 1962 година. Заслуги: NASA

Во 1962 година, на 40-годишна возраст, Џон Глен влегува во Френдшип 7 (Friendship 7), малата капсула на проектот Меркур кој имал за цел да орбитира вселенско летало со човек околу Земјата, да ја истражува човековата способност да функционира во Вселената и да ги врати на Земјата безбедно човекот и леталото. И покрај компликациите, летот завршува успешно.

Глен одбивал да гледа на себеси како на херој: „Сметам дека сум истиот човек која пораснал во Нов Конкорд, Охајо, и поминал низ години учествување во повеќе значајни настани,“ изјавил тој во интервју години по историскиот потфат. „Сметам дека она што привлече многу внимание беа тешките времиња низ кои мислевме дека поминуваме за време на Студената војна. Не мислам дека се работеше за мене. Сето ова би му се случило на било кој што би бил избран за тој лет,“ скромно заклучил.

36 години по овој лет, во последните месеци од својот последен мандат во Сенатот, тој посакал повторно да се врати во орбита. Така, на 77 години, Глен станува и најстариот човек кој бил во Вселената, лансиран во вселенското летало Дискавери (Discovery) во 1998 година.

Џон Глен, првиот Американец во орбита на Земјата, почина на 95-годишна возраст

Најстариот човек во Вселената. Заслуги: NASA

Џон Глен ќе биде запомнет како херој и инспирација за идните генерации, како пилот, астронаут, но и како личност, татко, сопруг и добар пријател на многумина.

Превод: Марина Димовска

Извор: The New York Times

Сподели.