Астрономите штотуку пронајдоа апсолутно џиновска Црна Дупка со маса 40 милијарди пати поголема од масата на Сонцето

0

Црните дупки можат да бидат прилично големи, но постои и посебна класа која се карактеризира како најголема помеѓу големите. Астрономите веруваат дека идентификувале апсолутен примерок, црна дупка со маса 40 милијарди пати поголема од масата на Сонцето.

Се наоѓа во центарот на суперџиновската елиптична галаксија Холмберг 15А која е оддалечена околу 700 милиони светлосни години и се наоѓа во центарот на галактичкото јато Абел 85.

smcd

Заслуги Abell 85. (NASA/cxc/sao/a.Vikhlinin et al./SDSS)

Оваа црна дупка претставува една од најголемите црни дупки кои некогаш биле откриени и дефинитивно најголемата црна дупка најдена преку следење на движењето на ѕвездите околу истата.

Претходните пресметки базирани на динамиката на галаксијата и галактичкото јато резултираа со проценки за масата на Холм 15А* дури и до 310 милијарди пати поголема од онаа на Сонцето. Сепак, ова не беа директни мерења на црната дупка. Ова ново истражување се одликува со првото директно мерење. Научниот труд е доставен на The Astrophysical Journal и чека рецензија.

„Користевме аксисиметрични орбитално-базирани Шварцшилд модели за анализа на ѕвездената кинематика на Холм 15А кои резултираа со нови високо-квалитетни широко-спектарски набљудувања добиени со MUSE во VLT. Ние откривме супермасивна црна дупка со маса од (4.0 ± 0.80) × 1010 сончеви маси во центарот на Холм 15А,“ напишаа авторите во нивниот научен труд.

„Ова е најмасивната црна дупка откриена со директно динамичко детектирање во локалниот Универзум.“

Сепак ова не е најмасивната црна дупка која некогаш била откриена. Преку индиректни мерења, утврдено е дека квазарот TON 618 има црна дупка со маса од 66 милијарди сончеви маси.

Со 40 милијарди соларни маси, хоризонтот на настани (познат и како Шварцшилдов радиус) на црната дупка Холм 15А* би бил од огромни пропорции и истиот ги надминува орбитите на сите планети во Сончевиот Систем.

Во просек, Плутон е оддалечен околу 39,5 астрономски единици (АЕ) од Сонцето. Се претпоставува дека хелиопаузата (границата до каде што соларните ветрови се доволно силни за да го буткаат меѓуѕвездениот простор) се наоѓа на растојание од 123 АЕ.

Теоретски гледано, земајќи ја во предвид масата, Шварцшилдовиот радиус на Холм 15А* би изнесувал околу 790 АЕ.

Всушност тоа е повеќе дури и од другите мерења направени од истражувачите, што можеби и објаснува зошто беше толку тешко да се одреди масата на Холм 15А* преку индиректни методи.

Супермасивната црна дупка во центарот на Холм 15А, не само што е најмасивната што е некогаш откриена, туку кога ќе се земе во предвид ѕвездената маса и брзината на ѕвездената дисперзија во галаксијата, Холм 15А* е и од четири до девет пати помасивна од очекуваното.

Ова се совпаѓа со моделот на судир помеѓу две млади галаксии со сиромашни јадра. Ваквите јадра се јавуваат кога во јадрото на галаксијата има значително помалку ѕвезди во споредба со очекуваниот број базиран на бројот на ѕвезди во надворешните области.

„Откривме дека масата на црните дупки во галаксиите со јадра, како на пример Холм 15А, зависи обратно пропорционално со централната површинска осветленост на ѕвездите и густината на масата,“ напишаа истражувачите.

Тие имаат намера да продолжат со проучување на ова чудовиште, спроведувајќи покомплексни и подетални модели кои потоа би ги споредиле со набљудувањата, се со цел да дознаат како била формирана црната дупка.

Тие исто така можат да ја утврдат зачестеноста на ваквите спојувања, а со тоа и уште колку ултрамасивни црни дупки чекаат да бидат откриени.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.