Дали вонземјани се трудат да ни кажат нешто? Забележани се најсветлите изливи на радио бранови

0
Дали Вонземјани се трудат да ни кажат нешто? Забележани се најсветлите изливи на радио бранови

Опсерваторијата Паркес во Австралија, која го забележа сигналот. Заслуги: David Mccleneghan, CSIRO, CC BY-SA

Потрагата по мистериозни „брзи радио изливи“ (fast radio bursts – FRB) – многу кратки, но интензивни пулсирања на радио бранови од Вселената, се засилува. Никој не знае што ги предизвикува овие моќни изливи, но некои веќе шпекулираат дека сигналите може да бидат испратени од далечна вонземска цивилизација. Всушност, астрономите се толку збунети од феноменот, што тоа поттикнува преродба во радио астрономијата.

Неодамна, меѓународен тим од астрономи го забележа најсјајниот брз радио импулс досега. Наречен FRB 150807, според датумот на неговото забележување, изливот на интензивни радио бранови траел помалку од половина милисекунда, што е 0,1% од времето потребно за човекот да трепне. Трудот, објавен во списанието Наука, е поблиску од било кој претходно во пронаоѓање од каде точно доаѓа овој сигнал.

Покрај нивниот интензитет, природата и потеклото на овие брзи радио изливи сѐ уште вжештено се дебатира. Некои астрономи предлагаат дека овие кратки, интензивни блесоци се зрачење создадено во атмосферите на одредени ѕвезди во нашата галаксија, Млечен Пат, процес сличен на Сончеви блесоци. Други, пак, велат дека тие се причинети од космички судири, како неутронска ѕвезда во судир со црна дупка во некоја далечна галаксија. Трети шпекулираат дека можеби се работи за сигнали од вонземска цивилизација.

Дали Вонземјани се трудат да ни кажат нешто? Забележани се најсветлите изливи на радио бранови

Уметнички приказ на огромен блесок од мала ѕвезда. Заслуга: Goddard Space Flight Center/ S. Wiessinger

Првиот краток радио излив, наречен Лоример, беше случајно откриен од радио астрономи кои го користеле телескопот Паркес во Австралија барајќи пулсирачки радио емисии од неутронска ѕвезда – пулсар. Изливот Лоример остана во љубопитност сѐ до откривањето на нови брзи радио изливи на различни позиции и од различни телескопи, како огромниот радио телескоп Аресибо во Порто Рико и 100-метарската чинија Гринбенк во САД.

Но, напредокот во откривањето на овој енигматичен феномен оди споро. Ова е делумно причинето од краткото траење на изливите, ограничената резолуција на телескопите и несигурноста во врска со позицијата на изливите на небото. Да се открие излив и истовремено да се одреди точно од каде доаѓа е навистина тешко. Доколку радио сигналот е поткрепен од телескопи кои се во потрага по други форми на електромагнетно зрачење (како на пример Х зрачење или оптичка светлина), би можело да се измери растојанието и да се разберат физичките процеси што ги предизвикуваат овие настани. Доколку процесите одговорни за овие радио изливи се слични на оние одговорни за останати космички експлозии, како изливи на гама зрачење, астрономите се сомневаат дека би се емитувала и радијација на друга бранова должина во истиот настан што ги предизвикал брзите радио изливи. Но, ова се покажало како тешко за откривање.

Биле направени индиректни процени на оддалеченост со мерење на тоа како е раширен радио сигналот. Ова ќе помогне да се открие количината на материјал низ кој поминала светлината. Одовде, може да биде направена процена за оддалеченоста на брзиот радио излив од Земјата, користејќи различни претпоставки како количеството на материја помеѓу нас. Такви мерења покажале дека потеклото на брзите радио изливи лежи далеку надвор од нашата галаксија.

Следење на сигналот

FRB 150807 е забележителен по неговото кратко траење, радио осветленост и висок степен на линеарна „поларизација“ – својство кое ја опишува рамнината на вибрации што ги прават брановите. Со комбинирање на овие својства, новото истражување предлага дека изливот се случил во галаксија која е преку милијарда светлински години оддалечена од нас. Ова е најблиску до каде што сме дошле во лоцирање од каде доаѓа брз радио извор.

Поларизацијата на светлина е под влијание на магнетните полиња што ја опкружуваат. Познавањето на тоа е од помош во проценување на магнетните својства на плазмата низ која патувал радио бранот. Нивната анализа предлага дека постои само занемарлива магнетизација на плазмата блиску до изворот на изливот. Интересно е што, доколку ова е точно, ќе ги исфрли од конкуренција високомагнетизираните објекти како млади неутронски ѕвезди или магнетари, кои досега беа фаворизирани модели како причинители на изливите.

Дали Вонземјани се трудат да ни кажат нешто? Забележани се најсветлите изливи на радио бранови

Уметничка претстава на централното јадро од антени со дијаметар од 5 км од SKA (Square Kilometre Array), кое ќе помогне во разоткривање на брзите радио изливи. Заслуга: Swinburne Astronomy Production for SKA Project

Трудот покажува дека како што расте малиот број на забележани брзи радио изливи и како што нивните својства стануваат подобро познати, се зголемува и возбудливата возможност на разбирање за тоа што ги причинува. Тие може да бидат користени и за мапирање на магнетните полиња во Универзумот – нешто што ни е малку познато. Следниот значаен чекор би бил забележување на видлива компонента или остаточна радијација во оптичкиот спектар, што би овозможило точно мерење на оддалеченоста.

Неодамна се појави друг извештај за веројатно прво забележување на изливи на гама зрачење кои се совпаѓаат со брз радио излив. Ова ја зголемува возбудливоста со оглед на тоа што доколку овие два изливи навистина доаѓаат од ист извор, тоа може да значи дека изворот е многу поенергетичен отколку што досега се сметаше.

Анализите на FRB 150807 предвидуваат дека овие настани не би требало да се ретки. Во иднина се планираат повеќе инструменти кои ќе го истражуваат небото цела вечер на секои неколку денови во видливи и радио бранови должини. Се смета дека проектот SKA (Square Kilometre Array) ќе биде револуционерен во разбирањето на овие мистериозни импулси и на насилниот, променлив Универзум во кој живееме.

Превод: Биљана Велинова

Извор: IFL Science

Сподели.