Што ќе се случи со планетата Земја, кога за неколку милијарди години сонцето ќе биде сто пати поголемо отколку денес? Со помош на најмоќниот радио телескоп на светот, меѓународен тим на астрономи ќе бара одговори кај ѕвездата L2 Папис (L2 Puppis), која пред околу 5 милијарди години била многу слична како Сонцето.
„За 5 милијарди години од денес, Сонцето ќе порасне во црвен џин и ќе биде повеќе од сто пати поголемо отколку што е сега,“ вели Професорот Лин Десин од Институтот за астрономија на Католичкиот Универзитет Левен (KU Leuven). „Исто така, Сонцето ќе изгуби голем дел од неговата маса поради многу моќните Сончеви ветрови. Крајниот продукт на неговата еволуција, за околу 7 милијарди години од сега, ќе биде мало бело џуџе. Сонцето ќе биде големо колку планетата Земја, но со многу поголема маса, бидејќи само една кафена лажичка од овој материјал би тежел околу 5 тони.“
Оваа метаморфоза ќе има драматични последици на планетите од Сончевиот Систем. Меркур и Венера ќе бидат проголтани од црвениот џин.
„Но, судбината на Земјата е сè уште непозната,“ продолжува Десин. „Ние засега знаеме дека Сонцето ќе стане поголемо и посветло, што значи дека најверојатно ќе бидат уништени сите форми на живот. Но, останува неодговорено прашањето дали таквата планета Земјата ќе ја преживее оваа бурна Сончева фаза и ќе продолжи да орбитира околу белото џуџе?“
За да се одговори ова прашање, меѓународен тим на астрономи ја набљудуваат еволуираната ѕвезда L2 Папис. Оваа ѕвезда е 208 светлински години оддалечена од Земјата – што во астрономски рамки, значи дека е многу блиску. Истражувачите го користат ALMA радио телескопот, кој се состои од 66 индивидуални радио антени кои заедно сочинуваат еден огромен виртуелен телескоп со дијаметар од 16 километри.
„Откривме дека L2 Папис е ѕвезда стара околу 10 милијарди години,“ рече Вард Хуман од Лувен Институтот по Астрономија. „Пред милиарда години, таа ѕвезда била скоро совршен близнак на нашето Сонце какво што е денес, со идентична маса. Една третина од масата на ѕвездата била загубена за време на нејзината еволуција. Истото ќе се случи и со нашето Сонце во далечна иднина.“
На 300 милиони километри од L2 Папис, или на двојно поголема далечина од онаа помеѓу Земјата и Сонцето, истражувачите откриле објект кој орбитира околу џиновската ѕвезда. Научниците сметаат дека за околу 5 милијарди години планетата Земја ќе има слична судбина како откриениот објект.
Подлабоко разбирање на интеракциите помеѓу L2 Папис и нејзините планети ќе ни даде многу битни информации за крајната еволуција на Сонцето и нејзиното влијание на планетите во нашиот Сончев Систем. Несигурно е дали нашата планета ќе ја преживее Сончевата експанзија. L2 Папис можеби го има клучот за пронаоѓање на правилниот одговор.
Превод: Бобан Панов
Извор: Phys