Дали може да гори оган во вселенско летало?

0

Човекот свесно го запалил првиот оган многу одамна. Постојат докази за готвена храна од пред околу две милиони години, а оттогаш до денес човекот научил дека оганот е добар слуга и лош господар. Меѓутоа, секогаш зборуваме за оган на Земјата. Со првите летови во Вселената се поставило прашањето како огнот гори во услови на нулта гравитација.

Ова особено ги интересирало американските истражувачи, бидејќи за мисиите со човечки посади планирале внатрешноста на леталото да биде исполнета со чист кислород, а кислородот го помага горењето. Во 1967 година во кабината на Аполо 1 една искра за момент се претворила во пожар во кој настрадале тројца астронаути. Кабината била исполнета со чист кислород. Аполо изгорел уште додека бил на рампата за лансирање. Но, какви се условите за оган надвор, во Вселената?

Па, во бестежинска состојба огнот има тенденција да се гасне сам од себе. Зошто?

Овде, на Земјата, кога ќе запалите оган, тој произведува светлина, топлина, јаглерод диоксид и водена пареа. Топлината предизвикува продуктите од согорувањето да се шират, што ја намалува нивната густина и тие се движат нагоре (знаете дека воздухот над пламенот е најтопол отколку под пламенот). Околниот свеж воздух со кислород на тој начин стигнува до пламенот и поттикнува натамошно согорување.

Меѓутоа, во бестежинска состојба, продуктите од согорувањето не одат никаде. Тие се акумулираат околу пламенот и со тоа спречуваат кислородот да допре до него. Значи гравитацијата е неопходна за ефективен оган. За да гори во кабина на вселенско летало во кое владее нулта гравитација, потребно е некако да се обезбеди прилив на кислород, така што, на пример, вентилатор постојано би го раздвижувал акумилираниот јаглероден диоксид. Впрочем и самите знаеме дека огнот посилно гори кога дуваме во него.

Но ова е така во теорија. Како е всушност во пракса, во услови на микрогравитација којашто владее во вселенско летало и на Меѓународната вселенска станица? Првиот експеримент е направен во 1997-та година на шатлот Колумбија во затворена комора во којашто пламенот се одржал долго време. Било сосема различно отколку на Земјата.

Првото нешто кое научниците го забележале бил обликот на пламенот. Додека на Земјата пламенот е издолжен, во услови на микрогравитација тој е сферичен и личи на огнена топка. На Земјата топлиот воздух е полесен (од ладниот) и се движи нагоре, што во услови на микрогравитација го нема, како што нема ни „нагоре,“ т. е. во Вселената не постои „горе“ и „долу“. Значи, таму пламенот има сферичен облик, а бидејќи нема доволен прилив на кислород тој пламен всушност тлее и добива синкаста боја со слаб сјај.

Со други зборови, таму горе не може да правите скара!

Дали може да гори оган во вселенско летало?

Пламенот на Земјата и во услови на микрогравитација. Извор: Wikipedia

Превод: Александра Бошкова

Извор: Astronomski Magazin

Сподели.