Час под ѕвездите со курсистите

0

Час под ѕвездите со курсистите

Во рамките на овогодишниот курс конечно успеавме да фатиме малку ведро време за да одиме на терен. Веќе неколку пати одложувавме заради лошите прогнози. Сепак на 8-ми мај имаше релативно добра прогноза и закажавме одење на терен. Одзивот беше одличен и преку 20 автомобили и 80-на луѓе се упативме кон ливадата која ние ја нарекуваме „Мала Матка“, иако и не сум сигурен дека тоа е вистинското име за местото.

Веднаш по пристигнувањето ја наместивме опрема која служеше само за набљудување. Немавме време ни можност да се занимаваме со астрофотографија и сите ресурси ни беа насочени да им овозможиме на курсистите да видат што повеќе.

Почнавме со објаснување за тоа со какви се телескопи располагаме и кои се нивни глави карактеристики. Прв објект за набљудување беше Меркур, кој беше ниско над хоризонтот. Без оглед на тоа што едвај и да имаше што да се види сепак сите што беа ќе може да се пофалат дека го виделе Меркур затоа што многу малку луѓе воопшто и го забележуваат.

Со оглед на тоа што сеуште беше самрак останавме да ги набљудуваме планетите Венера и Јупитер. Венера се гледаше во нејзината фаза како половина од дискот, додека на Јупитер јасно се забележуваа климатските појаси и зони и се гледаа и сите Галилееви сателити: Јо, Европа, Ганимед и Калисто. Во меѓувреме излезе и најубавата планета во Сончевиот систем, Сатурн, за кој сум сигурен да никој не останува рамнодушен.

Што заради облаците, но и заради кратко време кое го имавме на располагање не успеавме да видиме многу објекти од длабоко небо освен затвореното јато М5, неправилната галаксија М82 и сосема на крајот, планетарната маглина М57.

Поради голема возбуда ја испуштивме приликата да се сликаме со сите курсисте на почеток, па тоа го направивме пред крајот. Затоа, во оваа прилика им се извинувам на оние што си отидоа порано и не се на нашата заеднича фотографија.

Покрај групната слика, Горан направи и едно тајм-лапс видео за тоа како изгледаше ова кратко, но убаво дружење под ѕвездите.

Имавме многу убави разговори и добивме убави прашања на кои се надевам дека успеавме да одговориме. Се надевам дека вакви дружења ќе имаме и во иднина.

Им благодарам на сите посетители на курсот за убавото дружење како во текот на целиот курс, така и на ова дружење покрај телескопите.
Поздрав до сите!

Текст: Радан Митровиќ

Сподели.