Фото на неделата: Бледата сина точка наполни 30 години

0

По повод 30-годишнината од една од најпознатите фотографии од мисијата Војаџер, Лабораторијата за млазен погон на НАСА (Jet Propulsion Lab) објави нова, подмладена, верзија на сликата позната како “Бледата сина точка“.

pbd 1

Сликата е обработена со современ софтвер и техники за обработка на слики, но истовремено со почит кон намерата на оние што ја испланирале сликата. Како и оригиналната фотографија, новиот поглед во боја ја прикажува планетата Земја како единствен, светло-син пиксел во бесконечноста на вселената. Зраците на сончевата светлина расфрлани во оптиката на фотоапаратот, се протегаат низ сцената, а кои еден од нив по игра на случајот, ја “покрива” Земјата.

Фотографијата е направена на 14 февруари 1990 година, само неколку минути пред напојувањето на камерите од Војаџер 1да биде исклучено, со цел да се заштеди енергијата. Ова беше направено и поради тоа што сондата, исто како и нејзината сестра, Војаџер 2, нема да има нови блиски приоди до други небесни тела во текот на нејзиниот животен век. Исклучувањето на инструментите и другите системи на двете вселенски летала Војаџер е постепен и тековен процес којшто ја овозможи долговечноста на нивната мисија.

pbd2

Прочуената фотографија е дел од серијата од 60 фотографии направени од оваа мисија со цел да се направи “Семеен портрет на Сончевиот Систем”. Во оваа серија  направени фотографии беа “фатени” шест планети од Сончевиот Систем, а исто така беше овековечено и Сонcето. Погледот кон Бледата сина точка е фотографијата на Земјата направенa во боја.

Самото име на оваа фотографија, којашто доби култен статус и прерасна во културолошки феномен, и беше дадено од Карл Саган, на чијшто предлог таа и беше направена. Тој во неговата книга “Бледата сина точка: Визија за иднината на човештвото во вселената” најдобро ќе го опфати значението на овој момент замрзнат во времето:

Успеавме да ја направиме оваа слика (од длабоката вселена) и, доколку ја погледнете убаво, ќе забележите една точка. Тоа овде. Тоа е домот. Тоа сме ние. А на неа, сите за коишто кога и да е сте слушнале, секое човечко суштество што кога и да е живеело, живеело тука. Изворот на сите наши радости и јадови, илјадници религии, идеологии и економски доктрини, секој ловец и собирач, секој херој и кукавица, секој создавач и разурнувач на цивилизации, секој крал и секој селанец, секој млад вљубен пар, секое дете исполнето со надеж, секоја мајка и секој татко, секој пронаоѓач и истражувач, секој морален проповедник, секој корумпиран политичар, секоја суперѕвезда, секој врховен водач, секој светец и секој грешник во историјата на нашиот вид, живеел на оваа ронка прав којашто стои закачена на зрак од сончева светлина.
Земјата е многу мала сцена во огромната космичката арена.. Помислете на бескрајните суровости направени од страна на жителите на еден агол од овој едвај препознатлив пиксел врз жителите на некој друг агол, колку чести се нивните недоразбирања, колку се желни да се убијат еден со друг, колку страсна е нивната омраза. Помислете на реките крв пролеани од страна на сите оние генерали и цареви со цел во моментот на слава и триумф да станат на момент господари на делче од оваа точка.
Нашите ставови, нашата умислена значајност, заблудите дека ние имаме некоја привилегирана позиција во универзумот, се ставени под знак прашалник од страна на оваа точка бледа светлина. Нашата планета е осамена дамка во големиот сеприсутен космички мрак. Имајќи ја предвид нашата анонимност, во сиот овој простор, нема никаков знак дека помош ќе пристигне од друго место за да нè спаси од самите себе си.
Земјата засега е единствениот познат свет на којшто постои живот. Не постои друго место, барем не во блиска иднина, на коешто нашиот вид би можел да мигрира. Да го посети, да. Да се насели, сè уште не. Сакале или не, во овој момент Земјата е местото каде што ние се наоѓаме.

pbd3

Се зборува дека астрономијата учи на скромност и претставува искуство коешто го гради карактерот. Можеби и не постои подобар показател за глупоста на човечката вообразеност од оваа далечна слика на нашиот мал свет. За мене, таа ја подвлекува нашата одговорност да се однесуваме пољубезно еден кон друг, и да ја чуваме и негуваме оваа бледо сина точка, единствениот дом којшто го знаеме. 

Автор: Невенка Стојановска

Превземено од Емитер: www.emiter.com.mk/

Сподели.