Астрономите предвидуваат експлозија која ќе го промени ноќното небо во 2022-ра година

0
Астрономите предвидуваат експлозија која ќе го промени ноќното небо во 2022-ра година

Предвидувањето на Молнер е дека бинарна ѕвезда (систем од две ѕвезди кои орбитираат една околу друга) ќе се спои и ќе експлодира во 2022-ра. Заслуги: Калвин Колеџ

Професорот Лери Молнер и неговите студенти на Колеџот Калвин, заедно со колегите од опсерваторијата APO (Apache Point Observatory) и Универзитетот од Вајоминг предвидуваат промена на ноќното небо која ќе биде видлива со голо око.

„Шансите да се предвиди експлозија се една во милион,“ вели Молнер за неговото смело предвидување. „Досега ова не било направено.“

Предвидувањето на Молнер е дека бинарна ѕвезда (систем од две ѕвезди во орбита една околу друга) која тој ја набљудува ќе се спои и ќе експлодира во 2022-ра, или некоја година порано или подоцна, и осветленоста на ѕвездата ќе се зголеми десет илјади пати, така што ѕвездата ќе биде една од најсветлите во одреден период. Ѕвездата ќе биде видлива во соѕвездието Лебед, и ќе биде уште една препознатлива ѕвезда во ѕвездената шема Северен Крст.

Прашање кое води до истражување

Истражувањето на Молнер на ѕвездата позната како KIC 9832227 започна во 2013 година. Тој посетувал астрономска конференција на која астрономот Карен Кинемучи го презентирала своето истражување за промени на светлината на ѕвездата, што доведе до прашањето: Дали таа пулсира или е бинарна ѕвезда?

Студентот Даниел Ван Ноорд, асистент на истражувањето, бил исто така присутен на конференцијата и го зел прашањето како личен предизвик, па започнал со набљудувања на ѕвездата.

„Тој гледаше како бојата на ѕвездата е поврзана со светлината и одреди дека ѕвездата е дефинитивно бинарна,“ вели Молнар. „Всушност, тој откри дека ѕвездата е контактна бинарна ѕвезда, каде двете ѕвезди делат заеднична атмосфера – како две кикиритки во иста лушпа.“ Даниел прецизно го открил орбиталниот период користејќи податоци од Кинемучи, и, на негово изненадување, открил дека периодот е малку помал од она што го покажувале претходни податоци.

Резултатот потсетува на труд објавен од астрономот Ромуланд Тиленда, кој проучувал архиви со цел да открие како друга ѕвезда, V1309 Scorpii, се однесувала пред неочекувано да експлодира во 2008 година во црвена нова (тип на ѕвездена експлозија кој неодамна беше откриен како различен од другите типови). Податоците пред експлозијата покажувале контактна бинарна ѕвезда со орбитален период кој забрзано се намалува. За Молнер, оваа шема на орбитална промена претставувала „каменот на Розета“ за интерпретирање на новите податоци.

Откако Молнер ја набљудувал орбиталната промена во 2013-та и 2014-та, тој го презентирал орбиталното време во период од 15 години на состанокот со Американското астрономско друштво во јануари, 2015, предвидувајќи дека KIC 9832227 можеби ги следи стапките на V1309 Scorpii. Пред хипотезата да се сфати сериозно, потребно е да се исфрлат останатите, посекојдневни интерпретации на орбитална промена. Во текот на двете години по состанокот, Молнер и негоивот тим извеле два набљудувачки тестови на алтернативните интерпретации. Прво, спектроскопски набљудувања ја исфрлиле можноста за придружна ѕвезда со орбитален период поголем од 15 години. Второ, стапката со која се намалува орбиталниот период во претходните две години е во согласност со предвидувањето направено во 2015.

Од теорија до реалност

„Навистина мислиме дека нашата хипотеза за ѕвездено спојување треба да биде сфатена сериозно и дека би требало следните неколку години да ги искористиме за интензивно проучување на настанот, така што доколку дојде до експлозија ќе знаеме што довело до истата,“ вели Молнер.

За таа цел, Молнер и неговите колеги ќе ја набљудуваат KIC 9832227 во следната година во целиот спектар на бранови должини.


Заслуги: Калвин Колеџ

„Ако предвидувањето на Лери е точно, неговиот прокет за првпат ќе покаже дека астрономите може да фатат одредени ѕвезди во чинот на умирање и дека може да ги следат последните неколку години на ѕвездена смрт сѐ до финалната точка на драматична експлозија,“ вели Мет Волхаут, деканот за истражување и стипендии на колеџот Калвин.

Гледајќи зачудено

Проектот е значаен не само поради научните резултати, туку и поради тоа што ќе ја заинтригира општата јавност. Доколку предвидувањето е точно, за првпат во историјата, родителите ќе можат да посочат кон темна точка на небото и да речат: „Гледајте деца, таму се крие ѕвезда, која наскоро ќе се запали.“

Молнер вели дека ова е почеток на приказна што ќе се расплеткува во следните неколку години и сите луѓе може да учествуваат. Времето на орбита може да биде пресметано од аматери астрономи. Денес, астрономите-аматери поседуваат опрема со чија помош може да се измерат промените во светлината на ваква ѕвезда со магнитуда 12 и да се уверат во тоа што тимот на Молнер го предвидува.

Превод: Биљана Велинова

Извор: Phys

Сподели.