Астрономите идентификуваа млада ѕвезда, сместена на околу 11.000 светлински години од нас. Откритието може да помогне во подобро разбирање на најмасивните ѕвезди во Универзумот и нивното формирање.
Оваа млада ѕвезда е 30 пати помасивна од нашето Сонце и сè уште во фаза на прибирање на материја од нејзиниот облак, па така се претпоставува дека ќе стане уште поголема откако ќе достигне зрелост, односно целосно ќе се оформи. Истражувачите, водени од тим научници од Кембриџ, ја открија оваа ѕвезда во нејзината рана фаза и ги потврдија сличностите при формирањето со многу помалите видови на ѕвезди, како нашето Сонце. Во нашата галаксија, масивните млади ѕвезди со маса барем осум пати поголема од Сончевата се многу потешки за проучување во споредба со помалите примероци. Причините за ова се кријат во нивниот релативно краток животен век. Нивниот бурен живот завршува брзо, со што е ограничено времето за испитување, бидејќи ретко можат да се сретнат, а и вообичаено се многу поодалечени од нас. Потоа, за значително пократко време го согоруваат горивото.
Протоѕвездениот примерок кој е откриен со оваа студија се наоѓа во инфрацрвен облак. Ладно место, исполнето со материја, кое е идеално за раѓање на ѕвезди. Но, ваквите делови од Вселената се тешки за набљудување со обичните телескопи, бидејќи младите ѕвезди се опколени со дебел облак од гас и прашина. Но, затоа со телескопи како Submilimeter Array во Хаваи или Very Large Array во Ново Мексико, кои користат релативно долги бранови должини за опсервација, научниците успеваат да дојдат до ѕвездата која се формира. Беше откриено дека станува зборза Кеплеров диск, односно диск кој ротира побрзо во центарот отколку на краевите. Овој вид ротација е присутна и во Сончевиот Систем, каде внатрешните планети орбитираат многу побрзо околу Сонцето во споредба со надворешните.
Пресметано е дека дискот околу масивната ѕвезда е околу три пати помасивен од Сонцето. Но, се претпоставува дека е можно да е многу помасивен од ова и да се распарчи како последица на својата гравитација, формирајќи повеќе помали протоѕвезди. Следен чекор на научниците е да се истражува овој регион со помош на телескопот АЛМА во Чиле. Овој моќен инструмент би овозможил да се видат ваквите дополнителни протоѕвезди и да се проучи уште повеќе сличноста на формирањето помеѓу ѕвездите со различна маса во нашата галаксија.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: Phys