Астрономите го потврдија набљудувањето на првиот пулсар-бело џуџе

0
http://www.iflscience.com/space/astronomers-confirm-the-observation-of-the-first-white-dwarf-pulsar/

Уметничка претстава за AR Scorpii. Заслуги: University of Warwick

Минатата година астрономите забележале пулсирачко бело џуџе. Сега тие потврдуваат дека набљудуваниот објект е првиот пулсар-бело џуџе.

Според изјавата во Nature Astronomy, истражувачите од Универзитетот Варвик (University of Warwick) и Астрономската опсерваторија во Јужна Африка (SAAO) потврдија дека AR Scorpii (AR Sco) навистина е пулсар-бело џуџе.

Ѕвездата се наоѓа во бинарен систем со црвена џуџеста ѕвезда, сместена на 380 светлински години од Земјата.

За белите џуџести пулсари се теоретизира многу години. Белите џуџиња се крајниот продукт од ѕвездите кои не се премногу големи, а пулсарите се високомагнетизирани, брзо ротирачки неутронски ѕвезди (краен продукт од некои поголеми ѕвезди).

Ваков објект им беше недостапен на астрономите со децении сè до минатото лето, кога AR Scorpii (AR Sco) беше виден како го напаѓа својот црвен придружник со рој од честички. Ротацијата на белото џуџе е 2 минути и има магнетско поле сто милиони пати поголемо од Земјиното. Ова е нешто што би се очекувало од пулсар.

„AR Sco е како гигантски генератор: магнет со големина на Земјата, со поле приближно 10.000 пати посилно од било кое поле кое можеме да го создадеме во лабораторија, кое ротира на две минути“, изјави проф. Борис Гансик од Варвик Универзитетот. „Ова генерира огромна електрична енергија во ѕвездата придружник, што потоа ја предизвикува промената во светлината која ја детектираме“. Емисијата на честички од белото кон црвеното џуџе ги забрзува електроните од атмосферата на црвената ѕвезда скоро до брзината на светлината. Овој феномен е забележан за првпат.

Кај белото џуџе е забележано зголемување на светлината со фактор од четири, и иако е со големина колку нашата планета, тоа е за 200.000 пати помасивно.

„Новите податоци покажуваат дека светлината од AR Sco е високо поларизирана, покажувајќи дека магнетното поле ја контролира емисијата на целиот систем, што личи на оденсувањето видено кај други неутронски пулсари“ додава проф. Том Марш од Универзитетот Варвик.

Двете ѕвезди во системот ротираат една околу друга на секои 3.56 часа и се оддалечени 1,4 милиони километри една од друга, што е над три и пол пати од оддалеченоста помеѓу Земјата и Месечината.

Превод: Александра Бошкова

Извор: IFL Science

Сподели.