Астрономите го открија првиот Торн-Зитков објект

0

Научниците го пронајдоа првиот објект од „теоретската” класа на ѕвезди, прв пат предложена во 1975 година од страна на физичарот Кип Торн и астрономот Ана Зитков. Торн-Зитковите објекти (ТЗО) се хибриди на црвен суперџин и неутронски ѕвезди кои површно претставуваат нормални црвени суперџинови, како што е Бетелгез од соѕвездието Орион. Меѓутоа, тие се разликуваат по нивните посебни хемиски особини кои што се резултат на уникатната активност во нивната ѕвездена внатрешност.

ТЗО се смета дека се формирани од заемното дејство на две масивни ѕвезди – еден црвен суперџин и неутронска ѕвезда формирана за време на експлозија на супернова. Начинот не може да се одреди со голема прецизност, но најприфатената теорија вели дека за време на еволутивната интеракција на двете ѕвезди, помасивниот црвен суперџин ја „проголтува” неутронската ѕвезда која што се сместува во јадрото на црвениот суперџин.

За разлика од нормалните суперџинови кои што својата енергија ја добиваат од нуклеарна фузија во нивните јадра, ТЗО ја добиваат моќта од чудната активност на апсорбираната неутронска ѕвезда. Откритието на вакви објекти нуди докази за модел на ѕвездената внатрешност која што претходно не била забележана од астрономите.

Лидерот на проектот, Емили Левеск од Универзитетот во Колорадо Булдер, која што неодамна беше наградена со American Astronomical Society’s Annie Jump Cannon Award, изјави: „Проучувањето на овие објекти е доста возбудливо бидејќи претставуваат сосема нов модел на тоа како работи ѕвездената внатрешност. Таму имаме нови начини за создавање на тешките елементи во Универзумот. Сигурно сте ја слушнале фразата „сè е направено од ѕвездени работи“ – во овие ѕвезди можеби ја пронајдовме и нејзината смисла.”

Ова откритие астрономите го направија со помош на 6,5 метарскиот Магеланов телескоп во опсерваторијата Лас Кампанас во Чиле. Тие го набљудувале спектарот на светлината емитирана од јасен црвен суперџин со што знаеле кои елементи се присутни. Кога спектарот на ѕвездата HV 2112 сместена во Малиот Магеланов Облак за прв пат била забележана, набљудувачите биле прилично изненадени од некои необични особини. „Не знам што е, но знам дека ми се допаѓа!”, изјавила Нидиа Морел од Карниџ опсерваторијата во Ла Серена, Чиле.

Со подетални набљудувања на суптилните линии во спектарот, Лавеск и нејзините колеги забележале зголемено присуство на рубидиум, литиум и молибден. Претходни проучувања покажале дека нормален ѕвезден процес може да ги оформи овие елементи. Но, присуството на трите елементи во изобилие на температури типични за црвените суперџинови е посебна одлика на ТЗО.

„Многу сум среќна што набљудувањата ги потврдија нашите теоретски претпоставки” изјави Зитков. „Откако јас и Кип Торн ги предложивме моделите на ѕвезди со неутронски јадра, никој не може да ја побие нашата работа. Ако теоријата е солидна, експерименталната потврда ќе се појави порано или подоцна. Сè се заснова врз пронаоѓање на надежна група на ѕвезди, телескоп и извештаи за проектот.”

Тимот посочи кон тоа дека HV 2112 покажува некои хемиски карактеристики кои што не се совпаѓаат комплетно со оние од теоретскиот модел. Мејси исто така изјави: „Секако, би можеле да грешиме. Постојат мали разлики помеѓу некои од деталите кои ги пронајдовме и оние кои ги претпоставува теоријата. Но претпоставките се прилично стари и има многу подобрувања од тогаш. Се надеваме дека нашето откритие ќе нè мотивира да работиме на подобрување на теоријата.”

Извор: Phys.org

Превод: Мартина Вељановска

Сподели.