Астрономите ги охрабруваат градовите да го ограничат надворешното осветлување

0

Пристап до ноќното небо е универзално човеково право, вели Американското астрономско друштво.

Астрономите ги охрабруваат градовите да го ограничат надворешното осветлување

Заслуги: Abigail Malate, Staff Illustrator

Нашата галаксија, Млечниот Пат, тој исконски поток од ѕвезди кој тече низ ноќното небо, не може да биде виден од страна на една третина од човештвото и 80% од Американците. Како што расте вештачката светлина во градовите секоја година, и ѕвездените ноќи стануваат непознати за многумина, астрономите и поборниците за темно небо притискаат да се намали светлинското загадување, почнувајќи од промена на надворешното осветлување.

Американското астрономско друштво донесе одлука на нивниот годишен состанок овој месец во Тексас, „потврдувајќи дека пристап до темно ноќно небо е универзално човеково право, квалитетно надворешно осветлување треба да биде императив во светот.“

Организацијата исто така одобри збир од препораки за надворешно осветлување. Накратко, „затскријте го светлото, затемнете го, и користете поцрвени, потопли бои,“ вели Лори Ален, директор на националната опсерваторија во Аризона.

Астрономите ги охрабруваат градовите да го ограничат надворешното осветлување

Како да помогнете во намалување на светлинското загадување во три чекори, следејќи препораки од ААД. Заслуга: Американски Институт за Физика

Светлинското загадување од уличните светилки, билборди и останатото надворешно осветлување влијае врз многу луѓе и врз дивите животни. Ефектите врз општото здравје, околината и секако астрономијата се огромни. Астрономите во опсерваториите може да го видат ефектот од светлински сјај од град кој е оддалечен стотици километри. Многу градови го трансформираа нивното надворешно осветлување во неодамнешната револуција на LED диоди. Сините LED диоди им донесоа Нобелова награда по физика на тројца инженери во 2014, бидејќи сината беше последната потребна боја за да се направат бели LED диоди. Новите светла се сега сеприсутни во паметните телефони, компјутерските екрани и енергетски ефикасните сијалици.

Сепак, овие сино-бели LED диоди испаднаа полоши за светлинското загадување отколку портокаловите натриумови светилки кои ги заменија. Сината светлина ноќе може да ги наруши циклусите на спиење на луѓето со потиснување на мелатонинот, хормон кој помага во спиењето, повеќе отколку другите бои на светлина. Сината светлина исто така го попречува погледот на луѓето кон ноќното небо повеќе од црвеникавите светла.

Американското медицинско здружение објави извештај минатиот јуни, во кој се вели дека белите LED светилки имаат пет пати поголемо влијание врз деноноќниот ритам на спиење отколку конвенционалните улични ламби. Според неодамнешни истражувања, LED светлата се поврзани со намалено време на спиење, незадоволство од квалитетот на спиење, прекумерна поспаност, нарушена функција во текот на денот и прекумерна телесна тежина. Дополнително, белите LED светилки даваат дополнителен отсјај, што го зголемува ризикот кај возачите.

Во текот на изминатата година, беа произведени таканаречени ниско-температурни LED светилки, кои светат во побледи, пожолти или црвеникави нијанси и имаат иста енергетска ефикасност и слична цена како сините светилки, кои се понепријателски кон ноќното небо. Температурата на боја на LED, мерена во Келвини, опишува дали светлината која ја емитира е поцрвена или посина. Колку е повисока температурата, толку е посилна светлината. Светлата кои емитираат дневна светлина се над 4500К, додека светлата од 2000К имаат пријатна, портокалова нијанса, слична на старите натриумови ламби.

Некои градови и општини го користат овој технолошки напредок за да го намалат светлинското загадување. Во Монтреал, Канада, неодамна се усвои употребата на светилки од 3000К, а сега и во Лос Анџелес, Калифорнија го прават истото. Градот претходно користеше LED од 4000К кои се помалку преферирани од астрономите.

Повеќето надворешни светилки може да бидат затемнети за 25% или повеќе без никаква загуба на видливост. Типичните улични светилки произведуваат 50 пати поголемо осветлување од полната Месечина, но некои светла се дури поинтензивни.

Третата препорака, насочување на светилките, е особено значајна за астрономијата и љубителите на ѕвездено небо. Повеќето улични зрачат нагоре, но тие може да бидат насочени со цел да се спречи емитирање на светлина над хоризонталната рамнина на телото. Светла со потесни агли ја ограничуваат светлината да зрачи над градот. Но, сите надворешни ламби се соочуваат со проблемот на рефлектирање на дел од светлината од земјата кон небото. Тротоарите и зградите во градовите се многу посјајни од Месечевата површина.

Многу жители на градовите бегаат во национални паркови во потрага по ноќно небо. Но, дури и природните локалитети не се имуни на светлинското загадување. Анкета на посетители на национални паркови во Јута, САД, покажува дека 99% од анкетираните преферираат да набљудуваат ѕвезди во националните паркови отколку на други локации, 90% веруваат дека би требало да постојат места каде темното небо ќе биде под заштита, и 80% сметаат дека околните заедници би требало да ја поддржуваат таа заштита.

Ешли Пипкин, биолог во еден од националните паркови во Невада, вели дека е важно да се одржува погледот кон ноќното небо. „Тоа ни помага да го разбереме нашето место во Универзумот и ги инспирира генерациите во годините што следат,“ вели таа.

Превод: Биљана Велинова

Извор: Inside Science

Сподели.