Откриена огромна структура со пречник од 5 милијарди светлински години

0
Прстенот од девет галаксии е во центарот на оваа слика. Заслуга: Л. Балаж

Прстенот од девет галаксии е во центарот на оваа слика. Заслуга: Л. Балаж

Прилично е тешко да се разбере колку само се големи некои нешта во Универзумот, но овој потенцијален примерок е толку голем што е на граница на апсурдот.

Астрономите сметаат дека пронашле прстен од девет изливи на гама зраци (GRB – Gamma Ray Burst) во галаксии, кои заедно имаат пречник од 5 милијарди светлински години. За споредба, тоа е околу 50.000 пати поголемо од Млечниот Пат, или повеќе од една деветтина од видливиот Универзум.

Излив на гама зраци е интензивен блесок на гама зрачење предизвикан од супернова, па така детектирањето на вакво зрачење индицира присуство на галаксија што укажува дека сите девет изливи се во различни галаксии. Тие се најсветлите електромагнетни случувања во Универзумот, кои ослободуваат повеќе енергија во неколку секунди од она што би го произвело Сонцето во целокупниот животен век од 10 милијарди години. Поради ова, ваквите изливи се користат за детектирање на далечни галаксии.

Иако не станува збор за една физички целосна структура, унгарско-американскиот тим кој дојде до откритието смета дека деветте галаксии се гравитациски врзани, исто како што нашата Локална група ги содржи Млечниот Пат, Андромеда и уште неколку десетици галаксии.

Во овој случај, сите изливи на гама зрачење проучувани од различни опсерватории се оддалечени околу 7 милијарди светлински години од Земјата, што укажува на тоа дека имаме фронтален поглед кон структурата. Алтернативно, би можеле да гледаме проекција на „сфера“.

Но, има еден проблем. Доколку се потврди структурата, нашите сегашни модели за тоа колку големи можат да бидат работите, ќе бидат срушени. Претходната теоретска граница е 1.2 милијарди светлински години. На поголеми размери, Вселената би требало да е униформна, а не да содржи структури како оваа.

„Ако сме во право, оваа структура се спротивставува на сегашните модели на Универзумот,“ вели професор Лајош Балаж, авторот кој е предводник на трудот. „Беше огромно изненадување да пронајдеме нешто толку големо – и сè уште не разбираме доволно за тоа како воопшто настанало.“

Дури и да се потврди оваа структура, можеби таа воопшто нема да биде најголемата структура во универзумот. Уште еден фаворит, Големиот ѕид Херкул-Корона Бореалис, е слична концентрација на изливи на гама зраци, во овој случај 19, што може да се протегаат на широчина од повеќе од 10 милијарди светлински години.

Превод: Биљана Велинова

Извор: IFL Science

Сподели.