Астроном објаснува зошто вашиот астролошки знак е најверојатно погрешен

0

“Луѓето често ме прашуваат за разликата помеѓу астрологијата и астрономијата. Астрологијата, која предвидува нечија судбина врз основа на позициите на Сонцето, Месечината, ѕвездите и планетите, датира од античко време,” вели астрономот Џејмс Калер од Универзитетот во Илиноис.

Астрологијата била испреплетена со астрономијата, иако многу астрономи од тој период направиле голем број на научни набљудувања кои што се валидни до ден денес.

Но, откако Коперник, Кеплер и Галилео заклучиле дека планетите орбитираат околу Сонцето, а не околу Земјата, и Њутн ги открил физичките закони за нивното движење, астрологијата и астрономијата почнале да се разделуваат и повеќе никогаш не се соединиле.

Денес астрономијата спротивставува со еден од основните принципи на организирање во астрологијата – датумите на зодијакот.

Во текот на една година, се чини дека Сонцето поминува низ појас на небото што содржи 12 древни соѕвездија, или групации од ѕвезди. Тие колективно се нарекуваат зодијак и се состојат речиси целосно од животински фигури, како Овен, Рак или Лав.

За многумина претставува разочарување тоа што соѕвездијата ретко изгледаат како она што го претставуваат. Сепак, тие имаат цел да претставуваат, а не да прикажуваат.

Иако соѕвездијата на зодијакот, кои датираат од Месопотамија, а можеби и порано, изгледаат дефинитивни, сепак тие се само еден пример од многуте различни култури во светот и сите тие имале свои, честопати многу различни идеи за тоа како небото е конструирано. Инките, на пример, креирале соѕвездија не од ѕвездите, туку од темните делови на Млечниот пат.

Бројот на соѕвездијата на зодијакот од западната култура потекнува од циклусите на Месечината, која што орбитира околу Земјата 12,4 пати годишно.

Грубо кажано, Сонцето се наоѓа наспроти различно соѕвездие секоја Нова Месечина, така што тие ѕвезди претставуваат далечна позадина на Сонцето. Иако ѕвездите не се видливи во текот на денот, можете да знаете во кое соѕвездие се наоѓа Сонцето гледајќи го ноќното небо. Така ќе го видите спротивното соѕвездие..

а2

Сонцето е во Лав, така што ноќе ќе го видите соѕвездието Водолија. Заслуги: PNGGuru, CC BY-NC

Според астрологијата секој знак на зодијакот перфектно се вклопува во парче од небото од 30 степени – помножено со 12 е еднакво на 360 степени. Во реалноста не е така, затоа што соѕвездијата варираат во форма и големина. На пример, Сонцето поминува низ соѕвездието Шкорпија за само пет дена, но за да помине низ Бик потребни се 38 дена. Ова е една од причините зошто астролошките знаци не се во согласност со соѕвездијата на зодијакот.

Можеби и главната причина зошто астролошките знаци не се усогласуваат со зодијакот е промената на ориентацијата на земјината ротационата оска, наречена прецесија.

Како резултат на нејзината ротација, Земјата е малку поиспакната на екваторот. Гравитацијата од Месечината и Сонцето го привлекуваат испакнатиот дел, што предизвикува клатење на земјината ротациона оска. Ротационата оска е централната линија околу која се врти Земјата и како резултат на нејзиното клатење, таа прави еден круг на секои 25 800 години.

Прецесија на земјината ротациона оска. Заслуги: Стивен Сандерс.

Ова движење го менува погледот кон зодијакот од Земјата, со тоа што се чини дека соѕвездијата се лизгаат кон исток, приближно еден степен за време на животниот век на еден човек. Иако е бавна, прецесијата е откриена со голо око од Хипарх од Никеја околу 150 година пр.н.е.

Во античко време, пролетната рамноденица била во Овен. Заради прецесијата, таа се преместила во Риби околу 100 година пр.н.е., каде што ќе остане до 2700 година, а потоа ќе се премести во Водолија итн. Во текот на 25 800 години, таа ќе се врати во Овен и овој циклус повторно ќе започне.

а3

Точните датуми на зодијакот денес. Со промената на ориентацијата на земјината ротациона оска, овие датуми ќе продолжат да се менуваат. Заслуги: Џејмс Калер.

Како игра, астрологијата и нејзините предвидувања за судбината и карактерот на личноста можат да бидат забавни. Но тие немаат научна основа. Астрологијата за науката е исто тоа што играта Монопол е за пазарот на недвижности.

Астрологијата го врти вниманието од реалните влијанија на планетите, пред се нивните гравитациони ефекти едни на други што предизвикува реални промени на формата, големината и аголот на нивните орбити. На Земјата, ваквите промени најверојатно ги предизвикале ледените доба. Исто така, директните судири помеѓу Земјата и небесните тела можат да предизвикаат многу брзи промени, како што е влијанието на астероид од полуостровот Јукатан пред 66 милиони години – исчезнување на диносаурусите и напредок на цицачите.

Астрономските студии ќе овозможат предвидување на вакви настани, додека астролошките предвидувања никогаш нема да бидат валидни.

Превод: Дефне Еминовска

Извор: www.sciencealert.com

Сподели.