Оштетениот телескоп Аресибо ќе биде расклопен

0

Откако две сајли беа оштетени во текот на три месеци, иконскиот телескоп Аресибо не може да се поправи.

Опсерваторијата Аресибо, радио-антена од 305 метри која се наоѓа во пошумените ридови во Порторико, треба да биде ставена надвор од употреба од безбедносни причини, велат официјалните лица на Националната фондација за наука (НСФ).

аресибо 1

Слика на Аресибо во своите подобри денови ја покажува Грегоријанската купола прикачена на платформата за приемникот над садот, а истата е изградена во природна длабnaтина. UCF / NSF

Соопштението следи по два неочекувани и уништувачки настани. Во август, сајла што помага во поддршката на платформата на приемникот, прикачена над чинијата, излезе од нејзиното лежиште, извртувајќи ја платформата од 900 тони и се урна врз чинијата одоздола. Инженерите ја проценија штетата, но пред да направат нарачка за замена, друг кабел пукна на 6 ноември. Тој предизвика дополнителна штета при што структурниот интегритет на телескопот остана нејасен. Обидите да се поправи телескопот може да доведат животи во ризик.

„Секој инженерски пристап кон подобро разбирање на издржливоста што останува во главните сајли вклучува значителен ризик за човечкиот живот и всушност може да го забрза неконтролираното уривање на конструкцијата“, вели Ралф Гауме, директор на Одделот за астрономски науки на NSF.

Аресибо 2

Аресибо во 2011 © 2011 Alan Dyer

Загубата на 57-годишната опсерваторија претставува шок за астрономската заедница. Огромната област на собирање, неверојатната чувствителност и радарските способности на Аресибо му овозможуваа да проучува сè, од астероидите близу до Земјата до далечните галаксии; научниците исто така го користат за истражување на атмосферата на Земјата.

Уништена сум“, вели Алесондра Спрингман од Универзитетот во Аризона. „Нема ништо друго како ова на светот, нема ништо што може да го направи она што го прави Аресибо“.

Што се случи?

Платформата тешка 900 тони е обесена на повеќе сајли на 137 метри над чинијата на Аресибо. Дванаесет сајли со дебелина од 3,25 инчи беа додадени во 90-тите години на минатиот век за поддршка на дополнителната тежина додадена на оваа платформа, дел од големата надградба на опсерваторијата. На 6 ноември, еден од тие 12 помошни кабли се искина од лежиштето и падна на земја.

аресибо 3

На 6 август се скина сајла која предизвика оштетување на чинијата на Аресибо. UCF / NSF

Структурата на Аресибо е дизајнирана да биде редундантна, па кога откажа помошната сајла, тежината се пренесе на четирите оригинални сајли и преостанатата сајла за поддршка. Веднаш беа повикани инженери да ја проценат штетата, и доколку утврдат дека конструкцијата е стабилна, да започнат со поправки. Нарачки за привремени сајли кои треба да помогнат во носењето на тежината беа направени, како и за две сајли за замена на сајлата што се скина и за другата помошна сајла за таа кула.

Но, пред да дојдат тие заменски сајли, една од главните сајли на истата кула се скина на 6 ноември. Оваа неочекувана пауза предизвика инженерите да се сомневаат во интегритетот на целата структура. Инженерските компании пријавија кинење на индивидуални сајли на други главни сајли, како и дополнително лизгање на други помошни сајли во нивните лежишта. Ако се скине друга сајла, „веројатно ќе дојде до катастрофален неуспех“, пишува Џон Абруцо од инженерската консултантска куќа Торнтон Томасети. „Ние веруваме дека структурата ќе се урне во блиска иднина ако не се санира“.

аресибо 4

Слика од пред неколку година на кластерот на приемници прикачени високо над рефлектирачката чинија на опсерваторијата Аресибо, која е широка 305 м. Sky & Telescope / J. Kelly Beatty

И покрај инспекциите по настанот во август, никој не можеше да претпостави дека ќе се скине главната сајла – требаше да може да носи многу поголема тежина отколку што носеше. Можеби постариот дизајн на главната сајла, дозволил да влегува влага и покрај редовното одржување, е причината да се скине, вели директорот на програмата Аресибо, Ешли Заудерер.

Хаваријата на сајлата за поддршка е друга приказна: „Помошната сајла, инсталирана во 90-тите години на минатиот век, беше многу понова и не требаше да пропадне“, вели Заудерер. „Се лизна од лежиштето. Тимот многу внимателно разгледува зошто се случи тоа. Не требаше да се случи “.

Што следува?

Инженерските фирми препорачуваат Аресибо да се тргне од употреба на контролиран начин, но како изгледа тоа останува да видиме. На инженерските фирми ќе им требаат 5 или 6 недели за да развијат план, вели Гауме, но дотогаш трошоците и временската рамка се неизвесни.

„Нашите инженери не се во можност да кажат кога структурата би се урнала сама по себе“, додава Гауме. „Значи, работиме спротивно на часовникот за да развиеме планови за контролирано исклучување од работа, при што приоритети се безбедноста и сигурноста и зачувување на остатокот од средствата на опсерваторијата“.

аресибо 5

Оваа радарска слика на телескопот Аресибо јасно го покажува астероидот 2014 JO25 кој има форма на кикирика. Може дури да се види мала планина на едниот крај на астероидот. Кликнете на сликата за да ја видите анимацијата. Аресибо понуди 18 пати поголема чувствителност од другите постојни објекти, како што е приемникот Голдстоун на НАСА. Planetary Radar Science Group / NSF

Гауме и Заудерер нагласуваат дека деактивирањето не значи крај на опсерваторијата. И покрај тоа што ги симнуваат главната чинија и прикачената купола, тие ќе ги зачуваат важните згради под кулата 12. Објектите на опсерваторијата LIDAR, кои користат ласери за да ја испитаат атмосферата на Земјата, исто така, ќе продолжат да работат.

„Зборуваме за структура направена од челик и кабли, но навистина луѓето се оние кои имаа идеи“, вели Заудерер. Посветен персонал и помогна на опсерваторијата да преживее земјотреси и урагани, а опсерваторијата функционираше како место за поставување помош по ураганот Марија.

„Аресибо е многу повеќе од научен инструмент“, вели Ривера-Валентин. „Тој беше икона во Порторико што инспирираше генерации научници, а јас еден сум еден од нив. “

„Речиси сите ученици на островот биле во Аресибо. Секој имал семејство кое работело таму, кое помогнало да се изгради“, објаснува Спрингман. „Не можете да имате опсерваторија без луѓето, а луѓето исто така имаат голема корист од тоа што опсерваторијата е таму“.

Аресибо е исто така незаменлив за научниците. „Опсерваторијата Аресибо е најмоќниот и најчувствителен планетарен радар“, објаснува Ривера-Валентин. „Во моментов нема друг објект, ниту пак во изградба, што може целосно да го замени. Ова го прави Аресибо непроценлив за планетарната одбрана“.

Технички, Аресибо е втора по големина радио-антена во светот – кинескиот FAST неодамна го сруши рекордот што Аресибо го држеше со децении. Но, платформата на FAST не може да ја задржи тежината на радарската инструментација. „FAST нема радар, тој е неспособен да прави активно набудување“, објаснува Спрингман. Другите радио-чинии што имаат радар, како што е „Голдстоун“ на НАСА, не можат да го заземат местото на Аресибо, како резултат на недостаток на чувствителност и достапност, бидејќи Голдстоун е дел од Длабоката вселенска мрежа која што поголемиот дел од времето комуницира со нашата флота на меѓупланетарни летала.

Во текот на изминатата деценија, Аресибо преживеа земјотреси, урагани и борби за финансирање. „Тие се обидуваат да го убијат на секои неколку години, а некој извлекува зајак од капа“, вели Спрингман. Но, каква е иднината на опсерваторијата не е јасно. „Не сум сигурен што ќе му се случи сега“.

Превод: Софија Спировска

Извор: skyandtelescope.org

Сподели.