И оваа година како и минатата одржавме по втор пат курс за деца по астрономија. Со оглед на големиот интерес од лани се надевавме и оваа година дека ќе имаме сличен интерес. За само еден ден беа пополнети квоти и за двете групи така што моравме да прекинеме со рекламирање и аплицирање. Сите што не можеа оваа година да се пријават им останува тоа да го направат следната година.
Првиот час се одржа во планетариумот во состав на МКЦ. Планетариум е многу корисна училница за да се симулирање гледање на ѕвезденото небо, независно на надворешните временски услови. Предавачот Ванчо Стојкоски, според децата, а и родителите, одржал многу интересно предавање и сите излегоа задоволни. На родителите им беше овозможено да присуствуваат на предавањето во планетариум заедно со нивните деца.
По предавањето имавме ведро и убаво време и со телескоп ја гледавме планетата Јупитер со неговите климатски појаси и четири Галилееви месечини. Ио, Европа, Ганимед и Калисто. На децата многу им се допадна Јупитер, но и нивните родители трпеливо дочекаа децата да завршат со набљудувањето за да можат и тие да ја видат најголемата планета во Сончевиот Систем. За жал ова беше единствениот ден т.е. вечер со ведро небо и немавме повеќе можност за поставување на телескоп и набљудување на други објекти иако такво нешто беше планирано.
На второто предавање направиме една прошетка низ Сончевиот Систем намален за 10 милијарди пати. Успеавме барем дел од него т.е. од Сонце до планетата Уран да сместиме во дворовите на Електро-Машински и Технолошки факултет.
Третото предавање е осмислено како експериментално т.е. децата можеа да низ експерименти да се запознаат со некој од феномени на астрономија. Како работат телескопи, колкава гравитациската сила на другите планети и многу други нешта беа симулирани со разни уреди како што се ласери, леќи , огледала и магнети.
На четвртото предавање, децата ги запознавме со тоа колкав е Универзумот, ѕвездите и планетите. Преку приказни со разни помагала им беше објаснето колку се далечни нештата во нашата Македонија, па низ планетата стигнавме до големини на галаксии и Вселената. На крај со работите што вообичаено се користат во кујната успеавме да симулираме создавање на една галаксија, што многу им се допадна на децата.
Петтото предавање беше запознавање со соѕвездија. Со разни примери се обидовме на децата да им објасниме што се тоа соѕвездија , кои се најпознати од нив и кои се приказни и легенди за нивните имиња. На децата им дадовме ѕвездени карти каде сами можеа да нацртаат свои соѕвездија.
За последен час беше предвидено да се доделат дипломи и да направиме изложба од сликите кои ги нацртале децата. Мораме да признаеме дека не очекувавме толку цртежи, а некој од нив беа навистина одлични. По доделување на дипломи и изложбата се упативме кон паркот на Електро-Машински факултет, каде направивме една групна фотографија со астронаутски шлемови кои им ги дадовме на децата сами да си ги исечат. И на крај исто како лани ја лансиравме модел ракетата, со што означивме и официјален крај на овогодишен курс за деца по астрономија.
Се надевам дека на децата им се допаднало дружење со нас и дека успеавме да ги научиме за основните работи во астрономијата. Следниот курс за деца најверојатно ќе биде пред крај на мај во следната година па сите заинтересирани нека си забележат во календарите.
Поздрав до сите дечиња што беа на курсот и нивните родители и се гледаме во некоја наредна активност на Скопското Астрономско Друштво.
Тескт: Радан Митровиќ